НА 22 МАРТ МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИ

    НА 22 МАРТ МАКЕДОНСКА ПРЕМИЕРА НА „БИКИНИ МУН“ НА МАНЧЕВСКИБилетите за премиерата на „Бикини Мун“ и за проекциите на филмот на редовниот репертор во Милениум се продаваат од утре

    Македонската премиера на „Бикини Мун“, најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски е закажана на 22 март во киното Милениум, во 20 часот, а билетите ќе се продаваат од утре.

    Филмот, кој е американско- германска копродукција, продолжува на репертоарот уште истата вечер по премиерата, со следна проекција од 22 часот.

    Оваа модерна мрачна бајка на Манчевски говори за искршениот идеал на модерното семејство, но и за изгубената приватност во светот окупиран од камери, мобилни телефони и сеприсутните социјални мрежи. Филмската структура на „Бикини Мун“ е филм во филм, во кој филмската стварност е двојно контролирана или двојно манипулирана.

    Главна хероина е повратничката од војната во Ирак, Бикини Мун Дејвис, харизматична, енергична, духовита, убава и провокативна, но и ментално нестабилна. Нејзината приказна и нејзиното однесување – нѐ водат до работ на вистината, и често не сме сигурни што е вистина, а што фантазија. Филмот е во целост сниман на локации во Њујорк.

    Главните улоги ги играат Кондола Рашад, Сара Голдберг, Вил Џеновиц, Сатја Сридхаран и Микал Мишел Харис. Дизајнер на продукција е редовниот соработник на Манчевски, Британецот Дејвид Манс, кој има работено на сите досегашни филмски проекти на Манчевски.

    Директор на фотографија е Џошуа З. Вајнстин. Единствен Македонец во филмската екипа, покрај режисерот е композиторот на музиката – Игор Василев Новоградска.

    Светската премиера беше на фестивалот во Сао Пауло, Бразил, а американската на познатиот Синеквест фестивал во Сан Хозе, Калифорнија.

    Изминатиов период, „Бикини Мун“ почна да се прикажува на повеќе светски фестивали, а неодамна, на 38. Меѓународен филмски фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, филмот на Манчевски ја освои специјалната награда од жирито.

    „Бикини Мун“ вчера беше премиерно прикажан и на Меѓународниот филмски фестивал во Софија, Бугарија, во програмата „Мастери“, а пред тоа и на ФЕСТ во Белград.

    Деновиве следуваат фестивалите во Сарасота (Флорида), во Истанбул, Филмскиот фестивал Менхетен (Њујорк), во Франкфурт (Германија) и Нешвил во мај.

    Меѓу рецензиите од светските филмски критичари се: „Ова е брилијантен авторски филм“, „Позициониран на деликатната граница меѓу играното и документарното, ‘Бикини Мун’ е модерна урбана бајка со фасцинантен наратив.“, „Актерката Кондола Рашад ја трансформира Бикини во фигура која е во исто време трогателна, смешна, силна, ранлива и харизматична“, „Ова е сосема свежо и оригинално дело на мајстор-режисер. Глумата на Кондола Рашад шокира“, „Ова е филмот што ‘Обликот на водата“ сакаше да биде, ама не знаеше како“, како и „Во неверојатно брилијантниот ‘Бикини Мун’, вжештената глума на Кондола Рашад ја потпалува провокативната приказна на Милчо Манчевски.“

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари