НА ИЗЛОЖБАТА „ЌЕ МЕ (С)НЕМА“ ФОТОГРАФКАТА КЕТИ ТАЛЕВСКА-БАКРЕВСКА ГО ПРИКАЖА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО

    НА ИЗЛОЖБАТА „ЌЕ МЕ (С)НЕМА“ ФОТОГРАФКАТА КЕТИ ТАЛЕВСКА-БАКРЕВСКА ГО ПРИКАЖА ИСЧЕЗНУВАЊЕТО НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО„Исчезнувањето на Езерото ме разжалостува и сакав нешто да направам за да го привлечам вниманието на јавноста кон овој проблем, кој почна да го заборава заедницата“, вели Талевска-Бакревска. (Фото: СДК.МК)

    Битолската фотографка Кети Талевска-Бакревска успеа на оригинален начин, преку алтернативната техника на лумен-принтови кои побелуваат ако не се заштитат и се остават на сонце, да создаде асоцијација на Преспанското Езеро, кое исто така исчезнува пред очите на јавноста и ретко кој презема нешто да го заштити. Нејзината изложба со симболично име „Ќе ме (с)нема – Ода за Преспанското Езеро“, поставена во Офицерскиот дом во Битола, отвори силна и емоционална приказна за еден од најзначајните еколошки проблеми во Македонија – исчезнувањето на Преспанското Езеро, кое се смета за едно од најстарите во Европа.

    „Техниката што ја работам е алтернативна фотографска техника во која доколку фотографиите по изложувањето на сонце не бидат третирани во фиксир, избледуваат и исчезнуваат. Така ги поврзав со Преспанското Езеро бидејќи често сум во тој регион. Исчезнувањето на езерото ме разжалостува и сакав нешто да направам за да го привлечам вниманието на јавноста кон овој проблем, кој почна да го заборава заедницата“, вели Талевска-Бакревска.

    Талевска-Бакревска успеа на оригинален начин преку алтернативната техника на лумен-принтови кои побелуваат доколку не се заштитат и се остават на сонце, да создаде асоцијација на Преспанското Езеро кое исто така исчезнува. (Фото: СДК.МК)

    Ова дело не е само израз на уметничката пракса, туку и форма на активизам, глас против незаинтересираноста на заедницата за заштита на природното богатство. На оваа изложба, Талевска-Бакревска користи нежна, но истовремено силна визуелна поезија, со што ја пренесува меланхолијата на исчезнувањето на езерото. Во нејзиното дело се чувствува јасен и храбар став – критика кон општеството кое не реагира соодветно за да ја зачува природата. Преку „Ода за Преспа“, таа ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите екосистеми.

    „Сите фотографии се изработени во различни делови на Преспа, почнувајќи од плажата во Наколец, па Отешево, Стење и други. Користам фотографска хартија која е сензитивна на светлина. Јас работам фотограми, ја вадам хартијата и таа веќе почнува да станува чувствителна и над неа ставам земја, лисја, алги и други природни делови од околината. Потоа ја ставам во вода и сѐ што влијае на неа остава отпечаток. Потоа само се мие сликата и се става во фиксир за да остане трајно. Само што моите не се фиксирани за да укажат дека езерото ќе ни го снема“, вели фотографката.

    Преку „Ода за Преспа“, таа ја потенцира потребата за итна акција и сочувство кон животната средина, посочувајќи дека секој од нас има одговорност во битката за иднината на нашите еко-системи. (Фото: СДК.МК)

    Оваа техника почнала да ја работи уште пред коронакризата, па во неа била изработена и нејзината претходна изложба, а за лумен-принтови држела и работилница на Фестивалот за алтернативна фотографија „Зрно“. Талевска-Баревска фотографира веќе деценија и пол, досега имала две самостојни изложби, а учествувала на повеќе заеднички со други фотографи.

    Водата во Преспанското Езеро веќе со години се повлекува поради сушното време, прекумерното искористување и понирањето на водата во Охридското Езеро. Водостојот е одамна под нормалата. Во изминатиот период се напишаа стратегии и акциски планови, се потпишаа договори, но на терен не се подобрија состојбите зашто водата од езерото и понатаму исчезнува, како што деновиве исчезнуваат и лумен-принтовите на битолската фотографка изложени на светлина.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира