НАГРАДАТА МЕНАДА НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ЗА АМЕРИКАНСКАТА ТАНЦОВА ЛЕГЕНДА ЏОАН МАЈЕРС БРАУН

    НАГРАДАТА МЕНАДА НА ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ЗА АМЕРИКАНСКАТА ТАНЦОВА ЛЕГЕНДА ЏОАН МАЈЕРС БРАУНЏоан Мајерс Браун важи за пионер и легенда на американската танцова сцена

    Американката Џоан Мајерс Браун е годинашна добитничка на наградата Менада на 16. Танц фест Скопје, за исклучителни животни достигнувања во областа на танцот, соопшти фестивалот.

    Мајерс Браун е основач на компанијата за танц од Филаделфија „Филаданко“ со која гостуваа на Танц фест Скопје во 2012, како и на Училиштето за танцова уметност во Филаделфија.

    Мајерс Браун, велат од Танц фест, важи за легенда на американската танцова сцена, пионер, а во бројните признанија и успеси, се наведува дека е дел од биографскиот речник на значајни живи личности „Кој е кој во Америка“ , опишана како „иноватор и комуникатор“, со значаен придонес во националните и меѓународните уметнички заедници. Неодамна Браун се стекнала и со награда како „една од американските незаменливи танчерски богатства“.

    „За својата работа Џоан Мајерс Браун, меѓу другите награди и признанија е добитник на Националниот медал за уметност на САД, највисоката граѓанска чест за извонредни достигнувања во уметноста, доделена во јули, 2013 од претседателот Барак Обама. Наградена е за ‘издвојување и овозможување на уметнички рај за афроамериканските танчери и кореографи, каде тие можат да бидат иновативни, креативни и да ги споделат своите уникатни визии со националните и глобалните танчерски заедници’“, вели уметничката директорка на Танц фест Скопје, Рисима Рисимкин.

    Фестивалот наместо во април, беше одложен за почетокот на септември, и ќе се одржи под мотото „Потрага по допир“. За првпат, еден дел од програмата ќе се одржи во живо, во форма на танцов маратон, на кој свечено ќе биде доделена наградата Менада.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира