НАГРАДАТА „РОМАН НА ГОДИНАТА“ ЗА „ПЕСОТ СО ТАЖЕН ПОГЛЕД“ НА ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

    НАГРАДАТА „РОМАН НА ГОДИНАТА“ ЗА „ПЕСОТ СО ТАЖЕН ПОГЛЕД“ НА ОЛИВЕРА НИКОЛОВАЛауреатката на „Роман на годината“ за 2019 Оливера Николова со писателката Оливера Ќорвезироска. (Фото: Приватна архива на Ќорвезироска)

    Писателката Оливера Николова ја доби наградата „Роман на годината“ за 2019, за нејзиното ново дело „Песот со тажен поглед“, објави денес Фондацијата за промоција и унапредување на културните вредности „Славко Јаневски“ . Николова по втор пат ја добива оваа висока книжевна награда, по „Куклите на Росица“ во 2004. Наградата 18 години ја доделуваше „Утрински весник“.

    „Песот со тажен поглед“, во издание на „Матица македонска“, е роман кој својата приказна ја темели на историски податоци, а фикцијата деликатно се испреплетува со фактите. Директното, експлицитно посочување на изворникот (мемоаристичката книга „Мојот балкански дневник“ на Џ. Џонстон Абрахам, еден од докторите кои престојувале во Скопје за време на Првата светска војна) чиешто „ехо“ е романот, воопшто не ѝ пречи на приказната, туку напротив, овозможува увид во слоевитоста и комплексноста на наративните постапки, се вели во образложението.

    „Писмото на Николова е моќно, автентично и рафинирано. Таа и во овој роман го покажува истенченото чувство за детали, кои го збогатуваат наративниот мозаик, и кои суптилно исткајуваат мрежа од симболи. Смелата авторска идеја е успешно реализирана во творечки резултат со високи естетски вредности. Авторката умешно ја води приказната до самиот крај, одржувајќи ја компактноста на структурата, уверливоста на изградените ликови и книжевни ситуации, како и стилско-јазичната префинетост“, стои во одлуката на жирито во состав Николина Андова-Шопова (претседателка и минатогодишна лауреатка), писателот Милован Стефановски, професоркатa Весна Мојсова-Чепишевска, писателот Славе Ѓорѓо Димоски и претставничката на Фондацијата „Славко Јаневски“ Катерина Богоева.

    Николова, писателка за деца и возрасни, е една од најзначајните авторки во современата македонска книжевност, со дваесетина објавени дела. Меѓу нив е и легендарната книга за деца „Зоки Поки“, како и „Земја во која не се стигнува“, „Пријателите Бон и Бона“, „Девојките на Марко“. Нејзини дела за возрасни се книгите раскази „Ден за летување“ и „Лева комора“, комедијата „Сребреното јаболко“, а меѓу најпознатите романи се „Вежби за Ибн Пајко“, „Куклите на Росица“, „Белиот чад“, „Пешаци по црни полиња“ .

    На конкурсот за наградата „Роман на годината“ пристигнале 38 романи, а во најтесен круг биле и  „Молчи со отворена уста“ на Снежана Младенова-Анѓелков („Или–Или“), „Пагански времиња“ на Драги Михајловски („Просветно дело), „Последните денови на Ханс“ на Михајло Свидерски („Или-Или“) и „Приказни за госпоѓица Сит“ од Билјана С. Црвенковска („Чудна шума“).

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира