НАЈГОЛЕМИТЕ ФЕСТИВАЛИ И НАСТАНИ БЕА НАЈГОЛЕМИ ПРЕКРШИТЕЛИ НА ОСНОВНИТЕ БАРАЊА НА КОНКУРСОТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МУЗИЧКАТА КОМИСИЈА

    НАЈГОЛЕМИТЕ ФЕСТИВАЛИ И НАСТАНИ БЕА НАЈГОЛЕМИ ПРЕКРШИТЕЛИ НА ОСНОВНИТЕ БАРАЊА НА КОНКУРСОТ, ВЕЛИ ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА МУЗИЧКАТА КОМИСИЈА„Во целост го прифаќам предлогот на министерот Адеми во понеделник да ги отвориме уште еднаш одбиените предмети. Настојувам на тотална транспарентност до крај“, вели Плеурат Гаши (Фото: Актуале )

    Плеурат Гаши, претседателот на Комисијата за фолклор и музичко-сценска дејност во Министерството за култура, вели дека за време на тековната работа за конкурсот за Годишната програма за национален интерес во културата за 2019 наишле на општ хаос во апликациите.

    Министерството за култура завчера ја објави Годишната програма за национален интерес во културата, но поради скандалозните одлуки и бурните реакции од јавноста, премиерот Зоран Заев најави дека еден дел од програмата ќе биде поништен, освен делот за културните институции, а пак министерот за култура Аасф Адеми рече дека сите одбиени проекти повторно ќе бидат разгледани.

    И директорите на десет театри и Центри за култура вчера испратија барање за ревизија на националната програма за 2019 до Владата и до премиерот Зоран Заев, реагираат дека се незадоволни од целокупната програмата и доделените средства и бараат средба. Барањето го испратија директорите Симона Угриновска (Македонскиот народен театар), Викторија Рангелова-Петровска (Драмски театар), Сашо Ристовски (Театар Комедија), Несрин Таир (Турски театар), Ване Партиков (Центар за култура „Антон Панов“, Струмица), Менче Караџоска (Центар за култура „Марко Цепенков“, Прилеп), Алексадар Ивановски (Центар за култура „Јордан Хаџи Константинов Џинот“, Велес), Сашо Тодоровски (Центар за култура „Трајко Прокопиев“, Куманово) Маја Андоновска-Илијевски (Центар за култура Битола) и Иван Јерчиќ (Народен театар Битола).

    Најмногу реакции предизвикаа неодобрените проекти во музичко-сценската дејност, откако беше објавено дека реномирани фестивали како Скопскиот џез фестивал, Офф-фест, Здраво млади и Златно славејче годинава не добија пари од Министерството за култура.

    „Најголемите фестивали и настани беа најголемите прекршители на најелементарните барања на конкурсот. Јас лично со моите колеги од комисијата ги баравме и им укажувавме дека ги немаат основните документи за прописно аплицирање, некои од нив образложуваа дека секогаш така било (без документи), додека други се изјаснуваа дека проблемот ќе го решат на повисоко ниво, мислејќи дека министерот и Кабинетот ќе им излезат во пресрет“, стои во изјавата на Гаши.

    Гаши вели дека министерот Адеми со неговиот кабинет барал и настојувал да бидат коректни, праведни и под никакви околности да не го прекршат законот.

    „Мислам дека бев јасен и дециден во мојата реакција, сите ние треба еднаш и засекогаш да престанеме со манипулации, несовесно трошење и злоупотребување народни средства. Во целост го прифаќам предлогот на министерот в понеделник да ги отвориме уште еднаш одбиените предмети. Настојувам на тотална транспарентност до крај“, вели Гаши.

    Директорот на СЏФ и на Офф фест, Оливер Белопета за САКАМДАКАЖАМ.МК завчера изјави има документи за обезбеден простор, но дека за фестивали од ваков ранг не е возможно да се обезбедат преддоговори со странски уметници и нивни потврди. Белопета ни го испрати писмото, кое на 1 февруари го испратил до министерот за култура Асаф Адеми. Тој со денови претходно барал средба со комисијата и од претседателот Гаши љубезно бил известен дека нивните апликации воопшто не ни биле разгледувани, дека по сугестија на правната служба биле одбиени поради недостиг на два потребни документи: преддоговори со изведувачите – учесници на фестивалите и документ за обезбеден простор за реализација на фестивалите.

    „Овие два документи, од објективни причини, никогаш во изминатите години и долгата историја на фестивалите, не сме ги доставувале во прилог на апликациите, вклучувајќи го и претпоследниот конкурс и тоа никогаш не претставувало проблем. За фестивали со толку долга традиција и со највисок меѓународен ранг, репутација и ориентација, стекнати не само кај нас туку и во светот, апсолутно е невозможно да се обезбеди програма, а не пак преддоговори или потврди за настап пред да се знае износот на доделени средства по Годишната програма на Министерството (кое во случајот на нашите два фестивала е покровител што подразбира и клучна финансиска поддршка за нивно одржување). Исто така, вакви преддоговори или фиктивни потврди со светските уметници едноставно не се практикуваат во светот, не постојат“, стои во писмото.

    Во делот за документ/потврда за обезбен простор за реализација на фестивалите, Белопета наведува дека во својата долгогодишна историја на ОФФ-Фест (17 години) и Скопски џез фестивал (37 години), благовремено ги обезбедувале салите, но дека често тоа не било можно во моментот на аплицирање.

    Директорот наведува повеќе примери од изминативе години, како на пример во 2016/2017 година, кога концертите биле планирани за одржување во Македонската опера и балет (МОБ), но во време на објавување на конкурсот , било најавено реновирање на салата со ветување дека ќе биде готова во јуни.

    „Истовремено, прифатени се апликации на голем број проекти без таква сулуда документација, како: Скопско лето, Охридско лето, Мајски оперски вечери, МОТ и многу други, што значи дека се работи за нееднаков третман за кој имаме доволно сознанија дека бил намерен, односно тенденциозен“, вели Белопета.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира