НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА ПРЕД 70 ГОДИНИ ИМАЛА 34.000 ПОСЕТИТЕЛИ – ПРВИТЕ ДОКУМЕНТИ ЗА ОСНОВАЊЕТО ИЗЛОЖЕНИ ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ

    НАЦИОНАЛНАТА ГАЛЕРИЈА ПРЕД 70 ГОДИНИ ИМАЛА 34.000 ПОСЕТИТЕЛИ – ПРВИТЕ ДОКУМЕНТИ ЗА ОСНОВАЊЕТО ИЗЛОЖЕНИ ВО ДАУТ ПАШИН АМАМ ЗА ЈУБИЛЕЈОТВо Даут пашин амам се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење (Фото: СДК.МК )

    Документот за основање на Уметничката галерија во 1948 година, денес Национална галерија на Македонија (НГМ ), решенијата за назначување на Борко Лазески како в. д. директор и за Никола Мартиноски за директор се дел од изложбата „Почетоци за паметење 1948-1956“ која ќе се отвори вечерва во 20 часот во Даут пашин амам. Националната галерија во текот на целава година со повеќе настани го славеше јубилејот 70 години од основањето, а вечерва ќе се одржи свеченост со проекција на документарен филм и со изложбата од архивата на Галеријата, чиј кустос е Славица Алексоска.

    Во чест на првите директори, Лазески и Мартиноски, поставени се и нивни дела околу витрините со документите (Фото: СДК.МК )

    Во Даут пашин амам се претставени 150 листови оригинална архивска документација од 1948 до 1956 година кои сведочат за успешната приказна поврзана со формирањето на галеријата, галериската збирка и начинот на раководење. Во чест на првите директори, Лазески и Мартиноски, поставени се и нивни дела околу витрините со документите.

    Алексоска вели дека за најстарите дела, кои се откупени на почетокот на формирањето на Галеријата има најмалку податоци, и тоа било причината од каде тргнала да истражува во старата архивска документација, за да најде, на пример, во која година е некое дело откупено, дали е од приватно лице или од институција.

    „Видов дека оваа документација е навистина многу интересна, од аспект на осознавање на историски податоци за основањето. Но, она што мене најмногу ме импресионира е фактот со каков ентузијазам и со каква љубов се пристапило кон сето ова, како инцијатива на сите тогашни уметнци. Дури во некоја документација најдов дека иницијатор е Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ).
    За формирање на една ваква институција не се заслужни само Лазески и Мартиноски како први директори, туку и државата, затоа што тогашното Министерство за наука и култура дало потполна слобода да се оформи оваа институција и да се набават дела кои би ја сочинувале таа постојана поставка“, вели Алексоска за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Министерството формирало комисија за откуп на ликовни дела во која биле Лазески, Мартиноски, Љубомир Белогаски, Лазар Личеноски и Димо Тодоровски. Тие имале неограничен буџет и слобода да одат по сите поранешни југословенски републики и да ги откупуваат најдобрите дела.

    „Во држава во која штотуку завршила војната, опустешоена, без пари, без к од култура, се направила толку голема работа и таа навистина импресионира“, рече кустосот Алексоска.

    Во сите документи стои називот Картина галерија, што преведено од бугарски значи Уметничка галерија, а така е изработен и првиот печат (Фото: СДК.МК )

    Во првите неколку години имало поставка каде главно биле поставени икони, а во 1951 Лазески и Мартиноски испратиле апел за сите откупени дела од Југославија да се донесат, затоа што, како што пишува во писмото, галеријата треба наскоро да биде отворена.

    Апелот е изложен во Даут пашин амам, како и првиот реверс од 1949, документите за откупи на дела од годишните изложби на ДЛУМ, програми и годишни извештаи за работа, како и текстот за првиот каталог за отворањето на галеријата во 1951. Има и документ според кој во 1955 во Галеријата дошле 33.929 посетители, што е, вели кустосот, импозантна бројка.

    Во сите документи стои називот Картина галерија, што преведено од бугарски значи Уметничка галерија, а така е изработен и првиот печат. На почетокот биле вработени директор, секретар, двајца чувари, продавач на билети, хигиеничарка, а првиот кустос доаѓа во 1953-1954.

    „Импресивно е исто така, гледајќи ги програмите и извештаите за работа, дека сѐ што било планирано, сѐ било исполнето“, вели Алексоска.

    Меѓу архивските материјали, кустосот вели дека има и интересна документација врзана со изложба на цртежи од Леонардо да Винчи, која дошла во Македонија.

    „За тоа судиме според листа од Железничка станица, која потенцира дека делата се стигнати во Македонија. Стигнати се до ДЛУМ, а има и печат од Картина галерија. Според документот, испратени се и каталози. Се јавив во ДЛУМ, таму нема такви каталози, нема ни во нашава институција. Факт е дека во Макеоднија пристигнала изложбата на Да Винчи, но сега немав време и ќе продолжам да истражувам“, вели Алексоска.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира