НЕМАШЕ ДА ЗНАЕМЕ ОД КАДЕ СМЕ БЕЗ БИТРАКОВА – ГРОЗДАНОВА, КАЖА АКАДЕМИК СТАРДЕЛОВ ВО ОХРИД, НА ПРОМОЦИЈАТА НА НАУЧНИ ТРУДОВИ РАБОТЕНИ ПОЛОВИНА ВЕК

    НЕМАШЕ ДА ЗНАЕМЕ ОД КАДЕ СМЕ БЕЗ БИТРАКОВА – ГРОЗДАНОВА, КАЖА АКАДЕМИК СТАРДЕЛОВ ВО ОХРИД, НА ПРОМОЦИЈАТА НА НАУЧНИ ТРУДОВИ РАБОТЕНИ ПОЛОВИНА ВЕКАкадемици и голем број на археолози дојдоа на промоцијата, а промотори беа академик Георги Старделов и професорката Силвана Блажевскa

    Зборникот на научни трудови на академик Вера Битракова- Грозданова, „Лихнид и Десаретија“, кој го работела речиси половина век беше промовиран синоќа во Охрид, во Куќата Уранија, на Научната и уметничка визита – Охрид 2018, во организација на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

    Академици и голем број на археолози дојдоа на промоцијата, а промотори беа академик Георги Старделов и професорката Силвана Блажевска.

    Според академик Старделов, книгата е едно од од најзначајните дела за Охрид и Македонија. Го следи творечкиот пат на Битракова-Грозданова, од првиот научен труд, напишан во истата зграда (10 години работела во Завод и Музеј во Охрид), каде подоцна доаѓа и нејзиниот животен и творечки сопатник, академик Цветан Грозданов кој почина годинава.

    „Темата е Десаретија, регионот на Охрид и Преспа, додека Вера открива што се случувало и зачувало под земја. Затоа, денес, со истражувањата и објавата на Вера, знаеме што се случувало и во подземен и во надземен Охрид Книгата на Вера е прекрасна илустрација на естетскиот хабитус на домицилното население. Островот Голем град, заедно со помалиот Св.Ахил, се врв на нејзините, но и истражувањата во Македонија.Таму во Преспа, има нешто мистично, привлечно, дури трогателно, кое ве тера да влезете во потрага, а Вера го направи тоа на начин што го спаси од пропагањето во вечноста“, кажа академик Старделов.

    Делото на Битракова – Грозданова е приказ на случувањата – 10 века наназад во антиката.

    „Вера е опсесивно посветена на темата – Десаретија. Нема големи откритија без страст, љубов и длабока посветеност на една тема. Авторката е истражувач од Колумбовски вид, таа Десаретија ја открива како – Западна порта на антиката, без неа – Гетеовски кажано: немаше да знаеме од каде сме, што сме во историјата времето и просторот? Тоа е една илустрација на времето, откривањето и истрајувањето, од ‘Еурека’ на Архимед до современиот Фуко“, рече академик Старделов.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира