НЕПРАВЕДНО Е МЕТО, ПРЕКРАСНИТЕ АКТЕРИ НЕ БИ ТРЕБАЛО НИКОГАШ ДА УМРАТ, РЕКОА КОЛЕГИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЈОВАНОВСКИ

    НЕПРАВЕДНО Е МЕТО, ПРЕКРАСНИТЕ АКТЕРИ НЕ БИ ТРЕБАЛО НИКОГАШ ДА УМРАТ, РЕКОА КОЛЕГИТЕ НА КОМЕМОРАЦИЈАТА ЗА ЈОВАНОВСКИТеатарски и филмски уметници од сите генерации му оддадоа чест на колегата, на професорот, заблагодарувајќи му се што го познавале, што делеле сцена,  што учеле од него. (Фото: К. Попов)

    Препознатливиот црвен шал на актерот Мето Јовановски и кожена торба на празната сцена во Драмски театар во Скопје, ги пречекаа неговите бројни колеги на денешната комеморација, а ги испрати Вера Јосифовска-Милошевска со неговата омилена песна „Со маки сум се родила“.

    Јовановски, еден од великаните на македонскиот театар и филм, со богата кариeра и во регионот, почина на 77 години на 16 ноември, а беше погребан вчера во Алејата на заслужните граѓани на Градските гробишта Бутел во Скопје.

    Бившата сопруга на Јованоски, хрватската глумица Лилјана Богоевиќ, со едната од двете ќерки. (Фото: К. Попов)

    Театарски и филмски уметници од сите генерации му оддадоа чест на колегата, на професорот, заблагодарувајќи му се што го познавале, што делеле сцена,  што учеле од него. Колегите од неговиот матичен Драмски театар, каде изиграл 37 улоги од кои повеќето се насловни, наградени, кажаа дека сакал да го посетува манастирот „Св. Јован Бигорски“, наизуст ги знаел евангелијата, бил човек волк-самотник, имал доверба во малкумина.

    „Ги сакаше своите ќерки. Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој, не сакаше да ја избричи, само малку да ја потшиша. Сакаше да носи шал, капа, карирани кошули, убави чевли и широки палта и капути. Омилена му беше виолетовата боја. Го сакаше цвеќето јоргован. Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице. Сакаше тишина во ходниците низ театарот, пред почеток на секоја претстава. Пиеше еспресо и кисела вода. Не сакаше да дава интервјуа. Сакаше да патува, со автомобил, сакаше долго да вози. Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба. Ја сакаше македонската традиционална песна. Омилена му беше ‘Со маки сум се родила’“, рекоа колегите Јелена Жугиќ, Емилија Мицевска, Роберт Вељановски, Александар Степанулески и Трајанка Илиева-Таци.

    Вера Јосифовска-Милошевска емотивно ја изведе омилена песна на Јовановски, „Со маки сум се родила“. (Фото: К. Попов)

    „Се викавме Енчо, според една етида која ја правевеме на Факултетот за драмски уметности (ФДУ). Мето беше актер кој имаше енергија, имаше атомска бомба во себе. Кога ќе излезеше, го правеше тоа со некоја чудна леснотија, а во суштина тоа е многу тешко. Мето ќе остане за мене секогаш Енчо. Живеевме во иста соба, јас, тој, Диме Станкоски-Дебелото, со Ѓорѓи Стојановски. Завршивме, јас, Мето и Диме дојдовме во Драмски, многу после тоа дојдоа во Драмски. Но, Мето беше нешто кое не се опишува со зборови, мора да го почувствувате. Не знам како да го кажам тоа. Јас сум горд што сум бил со него, што сум играл со него и што сум учел од него“, рече Благоја Чоревски.

    Милица Стојанова во пораката рече дека во нејзиниот професионален живот сретнала само неколкумина кои создавале вистински, длабок, интелектуален, но и емоционален конфликт на сцената.

    „Нашиот Мето е токму тоа – актерски, интелектуален и емоционален огномет. Со него човек беше на чисто – кога сакаше некого или нешто, беше јасно. Кога беше критичен и незадоволен – исто така беше јасно. Тој беше непотчинет дух, и не ги сакаше подаништвото и потчинетоста, ниту во професијата ниту во животот“.

    Препознатливиот црвен шал на актерот Мето Јовановски и кожена торба на празната сцена во Драмски театар во Скопје, ги пречекаа неговите бројни колеги. (Фото: К. Попов)

    Глумецот Јовица Михајловски, преку порака откри дека ја делеле гримиорната со Јовановски.

    „ Ме прашуваат: ‘Имаш ли некоја анегдота за или со Мето’. Имам, им велам. Анегдотата за Мето е тоа што за или со него нема анегдота. Тој беше монашки посветен на својата професија. Ја делевме гримиорната. Со Мето можеше да се разговара пред претстава во точно определено време. Четириесет и пет минути пред почеток на претставата тој завршуваше со секаков разговор и постануваше ликот кој треба да го толкува на сцена. Влегуваше во друг универзум, на ликот што го толкува. Имаше непријатни моменти, кога некој ќе се обидеше да му го наруши просторот во кој е навлезен. Реагираше не како Мето, туку како ликот кој го толкува. Неговата професионална посветеност често беше зачудувачка, за многумина, посебно за тие кои театарот го разбираат како простор за евтина себепромоција“, вели Михајловски.

    Режисерот Дејан Пројковски со глумците Ѓорѓи Јолевски, Лазе Манасков, Марија Кондовска и режисерот Бесфорт Идризи. (Фото: К. Попов)

    Глумците прочитаа и порака од италијанскиот режисер Паоло Маџели, голем пријател на македонскиот театар, кој има работено кај нас, во која меѓудругото вели: „Заедно поминавме едно животно патување кое тешко се прераскажува. Бевме млади. Скопје беше поинакво. Карамазови, па Горан… Се сеќаваш ли? Се слушавме постојано и се сакавме. Силно. Сите знаат колку голем глумец беше и нема потреба тоа јас да го повторувам.. Се запознавме во Белград по твојата прекрасна изведба на Хамлет. Унко нѐ запозна. Тоа е, еден живот. Кршливи сме, драги мој Мето, тоа е тоа. И тоа е неправедно. Затоа што прекрасните актери не би требало никогаш да умрат. Разбираш? Те сакам“.

    Режисерот Коле Ангеловски. (Фото: К. Попов)

    Босанскиот актер Емир Хаџихафисбеговиќ, преку писмо кажа дека со Мето соработувал само на два проекта и двата биле играни филмови „Станица на обични возови“ (Станица обичних возова) во Босна и „Децата на Сонцето“ во Македонија, но често се среќавале по фестивали, по гостувања.

    „Беше посебен и неповторлив. Од него учев и научив некои животни лекции, на пример, дека квалитетното молчење е некогаш подобро од илјада изречени зборови, како и дека нашата работа како актери, меѓу другото е збир на квалитетни паузи. Заминувањето на Мето е голема загуба за македонската, ех југословенската, балканската култура. Мето, те сака твоето Сараево. Те сака твојата Босна и Херцеговина“, стои меѓу другото во пораката.

    Костимографката Марија Пупучевска и актерите Зоран Љутков и Анастас Тановски. (Фото: К. Попов)

    Јовановски работеше и како гостин во Македонскиот народен театар (МНТ), како во театарите во Куманово, Велес, Струмица, Сплит, Сараево, Подгорица. Се занимаваше и со театарска режија и со педагошка работа како професор на Интернационален универзитет Еуропа Прима.

    Првпат на филм се појавува во 1971 во македонскиот филм „Македонскиот дел од пеколот“, а вкупно има 97 снимени наслови – играни, краткометражни и ТВ филмови, ТВ серии.

    Актерите Звездана Ангеловска, Бајруш Мјаку и Софија Куновска. (Фото: К. Попов)

    „Мето беше човек во време на лажни богови, од месо и крв, но кога ќе застанеше на сцената, кога ќе застанеше пред камерите, а некогаш и зад камерите, тогаш стануваше Бог поголем од сѐ и му немаше рамен“, рече Владо Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија, кој се прости од Мето и во името на сите филмски работници.

    Јовановски во 2001 стана почесен член на Црногорско драмско позориште, Подгорица каде играше во две претстави: „Малограѓани“ и „Урнебесна трагедија“. Пораки прочитаа и Игор Суботиќ, директор на Црногорско драмско позориште, говореше и актерот Крсте Јовановски, а порака испратил и актерот Бранислав Миќуновиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира