По пауза од неколку години, Националната опера и балет (НОБ) ја обнови балетската претстава „Заспаната убавица“ од Петар Илич Чајковски, која ќе се изведе вечерва во 20 часот. Премиерата на овој балет, кој со сложените варијации и чистата класична техника важи за врвен балетски бисер, беше во 2011 на Мајските оперски вечери. Билетите за вечерашната изведба се распродадени.
Вечерва ќе диригира Бисера Чадловска, а главните улоги ги играат Марија Кичевска-Шокаровска, Франциско Хименз Руиз (Шпанија) и Ивана Коцевска. Кореографијата е на Виктор Јаременко од Украина, асистент-кореограф е Тетјана Белецка од Украина, сценограф и костимограф е Миодраг Табачки од Србија, светло дизајн е Милчо Александров.
Следната изведба е закажана на 12 април, со Мими Поп Алексова-Атанасовска, Франциско Хименз Руиз и Наташа Трендафилова-Гицев, солисти и балетскиот ансамбл во придружба на Оркестарот на НОБ.
Б. НЕСТОРОСКА