НОВИНАРИТЕ ВО РИМ СО ТИШИНА, ПА ГОЛЕМ АПЛАУЗ ЈА ИСПРАТИЈА ЕКИПАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИ

    НОВИНАРИТЕ ВО РИМ СО ТИШИНА, ПА ГОЛЕМ АПЛАУЗ ЈА ИСПРАТИЈА ЕКИПАТА НА МАКЕДОНСКИОТ ФИЛМ „ВРБА“ НА МАНЧЕВСКИСара Климоска, Милчо Манчевски, Камка Тоциновски и Наталија Теодосиева на прес-конференцијата во Рим по проекцијата за новинари. (Фото: Продукција „Врба“)

    Над 80 светски медиуми присуствуваа на денешната новинарска проекција на македонскиот филм „Врба“ на режисерот Милчо Манчевски, во аудиториумот Парко дела Музика во Рим. Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз, велат од екипата на филмот. Шестиот филм на најнаградуваниот македонски режисер вечерва во 22,30 часот ќе има светска премиера со гала проекција на 14. Филмски фестивал во Рим.

    Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз. (Фото: продукција „Врба“)

    Од продукцијата на „Врба“ велат дека на прес-проекцијата, која била исполнета до последното место, присуствувале најрелеватните италијански медиуми и светски филмски медиуми, како и студенти од факултетите по историја на уметност и од факултетите за драмски уметности од Рим.

    Климоска, Манчевски, Тоциновски и Теодосиева на прес-конференцијата во Рим (Фото: Продукција „Врба“)

    „Луѓето се исти, без оглед каде и кога живеат. Она што нам ни беше важно е да проговориме за човечките дилеми, болки, разочарувања и радости… од аспект на еден обичен човек, женски човек. Врба можеби не е моето омилено дрво (ако подобро размислам, повеќе ги сакам тополата, чемпресот, липата и медитеранскиот бор), ама врбата е поблиска како симбол со она што го кажува филмот. Жална врба – ова се три тажни приказни со среќен крај“, изјави Манчевски, на прес-конференцијата по филмот, на која присуствуваа и трите актерки „Врба“, Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.

    „Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз. Трите актерки Сара, Наталија и Камка, блеснаа во полн сјај на средбата со новинарите, одговарајќи искрено и непосредно на прашања врзани со нивните ликови од филмот. И по завршувањето на проекцијата на ‘Врба’, се случи долга тишина, па аплауз, што е необично за прес-проекции“, велат од екипата на филмот.

    „Врба“ е во официјалната програма на фестивалот помеѓу други 32 филмови, од кои 24 се играни, останатите 9 се документарни филмови.

    Оддж новинарската проекција на „Врба“ (Фото: Продукција „Врба“)

    „Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира