ОД КОВИД-19 ПОЧИНА ЛИНГВИСТОТ И НАУЧНИК ТРАЈКО СТАМАТОСКИ

    ОД КОВИД-19 ПОЧИНА ЛИНГВИСТОТ И НАУЧНИК ТРАЈКО СТАМАТОСКИСтаматоски лани на одбележувањето на 13 Ноември. (Фото: К. Попов)

    Еминентниот македонски лингвист и научник Трајко Стаматоски почина денес на 96 години, соопшти Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.

    Стаматоски, кој почина по компликации од ковид-19, беше еден од најпочитуваните слависти на Балканот, како и современик на кодификаторите на македонскиот јазик. Негова потесна специјалност беше ономастиката. Како еминентен македонски јазичар, Стаматоски е автор е на околу 500 научни и стручни прилози.

    „Денес Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици се простува со последниот од првата генарација свои студенти, Трајко Стаматоски. Ќе остане запаметен како беспрекорен борец за афирмацијата на македонскиот јазик во многу области: ономастика, кодификација, развој на македонскиот писмен јазик, лексикографија, современ јазик. Катедрата се надеваше дека уште еднаш ќе го чуе неговиот збор за почетоците на Катедрата и за првите предавања на планираниот Свечен час по повод 75-годишнината од нејзиното основање. Како современик и еден од најблиските соработници на Блаже Конески, Стаматоски се радуваше и до последен момент учествуваше и во активностите во оваа Година на Блаже Конески, но за жал нема да можеме уште еднаш да ги слушнеме неговите размисли, согледувања и сеќавања – Стаматоски нѐ напушти непосредно пред тоа да се случи“, објави .

    Стаматоски долги години беше директор на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Последниве години беше претседател на Градскиот одбор на борците од Народно-ослободителната и антифашистичка борба (НОБ) на Скопје.

    Лани, на одбележувањето на 13 Ноември, Стаматоски кажа „Ние многу добро знаеме против кого се боревме за слободно Скопје“.

    „Ние борците сме посебно чувствителни кога се омаловажува и негира Народно-ослободителната борба. Ние броците многу добро знаеме против кого се боревме и со какви жртви. Се сеќавам на борбата на генерал Михајло Апостолски да не дозволи влез на бугарската војска во Скопје“, рече Стаматоски лани на 13 Ноември.

    Тој беше и главен и одговорен уредник на монографијата објавена во 1987 година, по повод 40-годишнината од формирањето на македонскиот фудбалски клуб Вардар.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира