ОСКАРИТЕ ВЕЧЕРВА ЌЕ СЕ ДОДЕЛАТ БЕЗ ВОДИТЕЛ И ПУБЛИКА, А ЅВЕЗДИТЕ ЌЕ СЕ СОБЕРАТ ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО ЛОС АНЏЕЛЕС

    ОСКАРИТЕ ВЕЧЕРВА ЌЕ СЕ ДОДЕЛАТ БЕЗ ВОДИТЕЛ И ПУБЛИКА, А ЅВЕЗДИТЕ ЌЕ СЕ СОБЕРАТ ВО ЖЕЛЕЗНИЧКАТА СТАНИЦА ВО ЛОС АНЏЕЛЕСГлавната железничка станица во Лос Анџелес ќе биде една од двете локации на кои ќе се одржи шоуто (Фото: АП)

    Оскари како ниедни други ќе се одржат вечерва во Лос Анџелес, два месеца подоцна од вообичаено, при што нема да има водител и публика, а номинираните нема да носат маска на церемонијата што ќе се одвива на две локации во градот, театарот „Долби“ и главната железничка станица.

    За разлика од виртуелните Златни глобуси, нема да има обраќања преку Зум, но затоа ќе има посебни студија за номинираните во Лондон и Париз. Ќе има и црвен килим, но без вообичаените гужви, а само неколку медиумски куќи ќе добијат пристап до местото.

    „Оскарите повеќе ќе наликуваат на филм, при што презентерите како Бред Пит, Харисон Форд, Рита Морено и Рене Зелвегер ќе се сметаат за дел од кастингот. Првите 90 секунди од преносот веднаш ќе ги најават нашите намери“, изјави еден од режисерите на церемонијата, Стивен Содерберг.

    „Нетфликс“ доминира со 36 номинации, а меѓу филмовите „Менк“, кој ќе се бори за десет награди. Сепак, во главните категории други се сметаат за фаворити, првенствено „Земја на номади“, на кој му се даваат најголеми шанси да биде прогласен за најдобар филм.

    Првпат во историјата, две жени се најдоа меѓу номинираните режисери, од кои Клое Жао („Земја на номади“) сите ја гледаат како победник.

    Чедвик Боузман („Ма Рејни: Мајка на блузот) би можел да стане третиот актер кој посмртно бил овенчан со оскар, а најнепредвидлива е трката за најдобра женска улога, бидејќи сите пет номинирани актерки веќе имаат освоено голема награда.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира