ОСКАРОВЕЦОТ ХАНС ЦИМЕР ЌЕ ЈА КОМПОНИРА МУЗИКАТА ЗА НОВИОТ ЏЕЈМС БОНД НА ТРИ МЕСЕЦИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТА

    ОСКАРОВЕЦОТ ХАНС ЦИМЕР ЌЕ ЈА КОМПОНИРА МУЗИКАТА ЗА НОВИОТ ЏЕЈМС БОНД НА ТРИ МЕСЕЦИ ПРЕД ПРЕМИЕРАТАЦимер, кој има еден Оскар и девет номинации за Оскар, е познат по музиката за „Гладијатор“, „Пирати од Карибите“, „Кралот лав“ . (Фото: ПА)

    Германскиот композитор и оскаровец Ханс Цимер, најпознат по музиката за „Гладијатор“, „Пирати од Карибите“, „Кралот лав“, ќе ја компонира музиката за новиот филм за Џејмс Бонд, „Нема време за умирање“. Според „Вараети“, продуцентите одлучиле во последен момент, на три месеци пред премиерата, да го променат композиторот.

    Цимер има еден Оскар, за „Кралот лав“ од 1994 и уште девет номинации за Оскар. Тој е еден од најбараните и најценети филмски композитори, а доаѓа на местото на Ден Ромер, кој си заминува поради креативни разлики со продуцентите. Ромер претходно има соработувано на проекти со режисерот на 25. филм за Бонд, Кери Фукунага.

    Меѓу филмовите на кои има работено Цимер се и „Кодот на Да Винчи“, „Зачеток“, „Интерстелар“, „Темниот витез“, „Данкирк“.

    „Нема време за умирање“ е во постпродукција во Лондон, а премиерата е најавена за на 2 април во Велика Британија. Сѐ уште не е објавена насловната тема за новиот Бонд, кого за петти и последен пат ќе го игра Даниел Крег.

    Цимер изминатиов период работеше на „Вондер Вуман 1984“ и продолжението на „Топ ган“.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира