ОСКАРОВЕЦОТ РОЏЕР ДИКИНС Е ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА „БРАЌА МАНАКИ“

    ОСКАРОВЕЦОТ РОЏЕР ДИКИНС Е ЛАУРЕАТ НА ЗЛАТНА КАМЕРА 300 ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО НА „БРАЌА МАНАКИ“Светскиот рекордер по номинации за Оскар, 13, Дикинс годинава го доби Оскарот за кинематографија за филмот „Истребувач 2049“ (Фото: Гети)

    Британскиот оскаровец Роџер Дикинс е годинашен добитник на наградата Златна камера 300 за животно дело на 39. Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

    Светскиот рекордер по номинации за Оскар, 13, Дикинс (69) годинава го доби Оскарот за кинематографија за филмот „Истребувач 2049“, а во кариерата има добиено уште над 100 награди и 148 номинации.

    „Во својата кариера има два периода како кинематографер, првиот, британскиот, од средината на 1970-те кога снима филмови најмногу со режисерот Мајкл Редфорд и со Мајк Фиџис и вториот период, американскиот, кога во 1990 година со режисерот Боб Рејфелсон го снима својот прв американски филм ’Планини на месечината’ за потоа во 1991 година да го сними првиот филм ’Бартон Финк’ на браќата Џоел и Итан Коен, со кои ќе изгради најплодна соработка, станувајќи нивен партнер кинематографер, снимајќи ги сите нивни филмови од кои добива и најмногу номинации за Оскар“, рече на денешната прес конференција, уметничкиот директор на Фестивалот Благоја Куновски- Доре.

    Меѓу филмовите за кои Дикинс имал номинации за сите светски филмски награди, а некои и ги добил се : „Бегство од Шошенк“ на Френк Дарабонт, „Фарго“ на браќата Коен, „Кундун“ на Мартин Скорсезе, „О, брате каде си“, „Човекот кој не беше таму“, „Нема земја за стари луѓе“ на браќата Коен, „Читачот“ на Стивен Далдри, „Скајфол“ на Сем Мендес и „Сикарио“ на Денис Вилнев.

    Фестивалот годинава ќе трае од 22 до 29 септември, под мотото „Симнуваме капа“ (Hats off), најави директорката на Гена Теодосиевска. Од годинава се зголемува бројот на фестивалски програми, и ќе бидат вкупно 14.

    Теодосиевска рече дека има и нови селектори на филмските програми: Марија Џиџева на документарната програма, Даријан Пејовски и Марија Апчевска, како селектори на кратките филмови, како и Слаѓан Пенев за програмата „Европски перспективи“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира