ОВИЕ 20 ГОДИНИ СЕ ЗАГРЕВАВ, СЕГА ДОАЃА ВТОРИОТ ДЕЛ ОД МАРАТОНОТ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ БЛАГОЈ НАЦОСКИ ПРЕД ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ ВО НОБ

    ОВИЕ 20 ГОДИНИ СЕ ЗАГРЕВАВ, СЕГА ДОАЃА ВТОРИОТ ДЕЛ ОД МАРАТОНОТ, ВЕЛИ ТЕНОРОТ БЛАГОЈ НАЦОСКИ ПРЕД ЈУБИЛЕЈНИОТ КОНЦЕРТ ВО НОБ„Сцената и публиката се и мој извор на енергија така што, би сакал постојано да настапувам насекаде и во наредните 20 години“, вели Нацоски. (Фото: М. Аргакијева)

    Вечерва ќе има убава музика, но и убав муабет, би сакал да се создаде еден вид интима со публиката, вели македонскиот тенор со меѓународна кариера Благој Нацоски, пред вечерашниот концерт  (20 часот) во Националната опера и балет (НОБ).  Концерот во чест на јубилејот е насловен „Вечер со Благој Нацоски: Првите 20 години“.  Гости се Наде Талевска (сопран) и Васко Здравков (баритон), пијано придружба е Јанинка Невчева, а режисер е Дејан Прошев.
    „Вечерта ја замислувам не како типичен концерт, туку како една дружба на која ќе преовладува убава музика. Програмата ќе изобилува со најпознати арии и дуети од популарните опери од Верди, Пучини, Росини, Масне, Чилеа, некои од нив ќе имаат и симболика за мене, односно ќе бидат поврзани со важни или интересни моменти од мојата кариера. Ќе има малку и македонска преработена музика“, вели Нацоски за САКАМДАКАЖАМ.МК.
    Изминатите години, Нацоски бележи големи успеси во миланска Скала, во Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо и Кина. Дебитираше во февруари 2003 во Римската опера како прв Македонец кој настапил во оваа престижна оперска куќа.

    Изминатите години, Нацоски бележи големи успеси во миланска Скала, во Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, Палермо и Кина. (Фото: Ф. Парензан)

    Следните негови настапи ги вклучуваат „Адријана Лекуврер“ во Катанија, „Норма“ во Џенова и „Турандот“ во Бари, како и турнеја во Јапонија и концерти во Мантова и Удине.
    – На што прво помислувате кога си правите ретроспектива на првите 20 години?   Како поминаа последниве 20 години?
    – Најпрвин би рекол дека овие 20 години летнаа, како што народски се вели „како вчера да беше“. Се разбира, помислувам на многу нешта, пред се‘ на сите убави моменти што ми ги пружа професијата, на сите луѓе што ги имам запознаено во целиот свет, кои од нив би сакал повторно да ги сретнам, а и кои не би сакал да ги видам пак. По природа сум позитивен и оптимист така што, гледам да не ги паметам и оние непријатни моменти кои што се разбира дека во текот на една дваесетгодишна кариера сепак постојат, или пак на нив помислувам сако како на искуства од кои сепак сум научил нешто. Инаку, би сакал да е можно да избројам колку часови имам поминато во авион досега во мојот живот, а од друга страна всушност, воочувам и колку ни е мала планетава, за само 12 часа сте од другата страна на светот. Исто така, она што ми е интересно и би сакал да го напоменам е дека до пред некоја година бев секогаш најмладиот учесник во една оперска продукција и тоа веќе не е така, како преку ноќ да се променија нештата.
    – Имате ли некоја анегдота што секогаш ќе ја паметите?
    Секако има многу, но во моментов прва што ми доаѓа на памет е онаа кога пристигнав во Салцбург и влегов во барот што се наоѓа непосредно до театарот и додека го пиев кафето се свртев зад мене и се здогледав себеси на еден голем постер на ѕидот. Се работеше за една фотосесија која ја имав заборавено, за која бев отишол набрзина од утро до вечер до Дизелдорф неколку месеци претходно за да ме сликаат. Ги немав видено сликите сѐ до тој момент во барот. Веднаш прашав дали може да си го земам постерот кога ќе завршат моите настапи, но одговорот беше дека тие постери односно гигантски фотографии, како од мене, така и од неколку мои колеги се продаваа и оти се разбира дека можам да го купам. Анегдотата е во тоа што за да се купам себе си ми беа побарани 4.500 евра (ха, ха).

    Вечерта ја замислувам не како типичен концерт, туку како една дружба на која ќе преовладува убава музика, вели Нацоски. (Фото: К. Левантино)

    – Што си посакувате во наредните 20 години?
    – Јас би рекол дека овие први 20 години ми беа само загревање, сега ќе започнам да трчам вториот дел од маратонот, а се надевам дека истиот ќе трае долго. Сега веќе имам стекнато одлично искуство и знам како да трчам, нека ме служи само здравјето. Сцената и публиката се и мој извор на енергија така што, би сакал постојано да настапувам насекаде и во наредните 20 години. Можеби ете, би сакал да настапам и на места каде што никогаш немам настапено, како континент ми недостига Австралија на пример, потоа некои градови како Лондон, Берлин и Мадрид.
    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира