ПЕПЕЛТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ЌЕ БИДЕ РАСФРЛАНА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО

    ПЕПЕЛТА НА ГОРАН СТЕФАНОВСКИ ЌЕ БИДЕ РАСФРЛАНА ВО ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО(Фото: Од личната архива на Стефановски)

    Пепелта на драмскиот писател Горан Стефановски, кој вчера почина во Велика Британија, ќе биде расфрлана во водите на Охридското Езеро, по негова желба, соопшти неговото семејство.

    Телото на Стефановски ќе биде кремирано на 5 декември во Бархам крематориумот во Кентербери, Англија во 9.20 часот, а пепелта во пригодна прилика ќе биде расфрлана во Македонија, во водите на Охридското Езеро.

    Стефановски  почина вчера на 66 години по кусо боледување во Кентербери, Англија, каде што живееше изминативе две децении.

    Драматургот Стефановски, кој е член на Македонската академија на науки и уметности (МАНУ) е автор на легендарните, популарни и на над 20 јазици преведени драми „Јане Задрогаз“, „Диво месо“, „Лет во место“, „Хај-Фај“, „Дупло дно“, „Тетовирани души“, „Црна дупка“, „Демонот од Дебар Маало“ и на најславната ТВ-серија во историјата на македонската продукција „Бушава азбука“, со која генерации деца научија да пишуваат и читаат. Неговата соработка со режисерот Слободан Унковски, од 1980-те па со децении натаму, создаде претстави кои беа во врвот на театарската уметност во регионот.

    Роден во Битола на 27 април 1952, во театарско семејство, дипломец е на англиски јазик и книжевност на Филолошки факултет во Скопје, а магистрирал драматургија на театарската академија на Универзитетот во Белград. Од 1986 беше професор по драматургија на Факултетот за драмска уметност во Скопје. Член е на Македонскиот ПЕН центар. Член на Друштвото на писатели на Македонија (ДПМ) од 1979, а од 2004 е и МАНУ. Добитник е на наградите „Стале Попов“, „11 Октомври“, „Стериина награда“, „Војдан Чернодрински“.

    Горан беше автор и на текстови на неколку албуми на прочуената рок група „Леб и сол“, чиј фронтмен беше брат му, гитаристот Влатко Стефановски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира