На 75-годишна возраст ноќеска во Скопје почина театарскиот, филмски и телевизиски актер Мите Грозданов.
Веднаш по дипломирањето на Театарската академија во Белград, станал дел од Драмскиот театар Скопје, а една година подоцна, во 1968 година го добил највисокото театарско признание во Југославија Златен ловоров венец за главната улога во претставата „Партитура за еден Мирон“ од Коле Чашуле.
Во својата театарска дејност се истакнал со мошне сензибилна фактура, залагајќи се секогаш со максимална лична креативност и сценска еластичност. Своевремено, своите режисерски амбиции ги остварувал со драмските аматери на КУД „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија.
Од декември 2008 година е пензионер, после деценискиот работен век во Драмскиот театар во Скопје. Еден од неговите најзначајни проекти е режирањето на претставата „Стрниште затвор за жени”, како и работата во Театар „Македонија“.
Изминативе години беше активен во монодрамата, поставувајќи ги двете дела „Црв“ во Драмски театар и „Од инат поинат, за инат“ за што знаеше да рече: „Во неколку наврати сум го објаснувал тој феномен. Монодрама може да играат само големи актери. Свет за себе ќе биде ако не знаеш што да правиш со себе. Никогаш не работи монодрама ако преку претставите кои ги играш, заедно со колегите, се си и кажал на публиката за она што сака умот и душата да каже. Но ако имаше покрај претставите уште нешто што те мачи или радува тогаш работи голем актер-тогаш работи голем актеру -преку монодрамата доискажи го она што го мислиш. Светот сам за себе ќе стане општ и ќе се радуваме заедно, зашто и монодрамата не може сама-треба публика!“.
Комеморацијата ќе се одржи утре во 10 часот во Драмски театар. Посмртните останки ќе бидат изложени во 11:30 часот, во црквата „Св.Пантелејмон“ во Долно Нерези. Погребот ќе се изврши во 12 часот на гробиштата во Нерези.