ПОЧИНА АРХИТЕКТОТ ПЕТАР МУЛИЧКОВСКИ, АВТОР НА ОРИГИНАЛНАТА МОДЕРНА ЗГРАДА НА ВЛАДАТА

    ПОЧИНА АРХИТЕКТОТ ПЕТАР МУЛИЧКОВСКИ, АВТОР НА ОРИГИНАЛНАТА МОДЕРНА ЗГРАДА НА ВЛАДАТАМуличкоски беше автор на оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970, а без негова согласност владата на Груевски ја преслече во барок. (Фото Архивска фотографија)

    Петар Муличкоски, еден од великаните на македонската архитектура, почина денеска на 93 години. Тој беше автор на оригиналната зграда на Владата, изградена во 1970, а без негова согласност, во 2011 владата на ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски ја смени фасадата во барок за што потроши 22 милиони евра, како дел од озлогласениот проект „Скопје 2014“. Муличковски е автор и на објекти кои се трајно обележје на македонската современа архитектура – Народна и универзитетска библиотека (НУБ) „Св. Климент Охридски“ од 1971, Спомен-костурницата во Кавадарци од 1974, Стопанска банка во Скопје од 1974 и многу други.

    „Мене ми беше понудено да земам учество како консултант околу новите идејни решенија за фасадата на Владата. Јас имам авторски права и не се согласувам со тоа, да се менува сега фасадата во некаков барокен стил. Таа фасада своевремено од врвни експерти беше оценета како ремек-дело. Тогаш јас на конкурсот добив прва награда и тоа тогаш беше прва награда со право на изведба на авторот. Нонсенс е ова што се прави, да се гради нешто од пред 300 години. Современото творештво во архитектурата и урбанизмот оди напред. Компонентата треба да биде врвна техологија на изведба и уметност, а не идеологија. Невозможно е ова што се прави овде“, рече Муличковски во 2013 за „Скопје 2014“.

    Петар Муличкоски е роден 1929-та година во Прилеп, од 1949 до 1957 студира архитектура на Техничкиот факултет во Љубљана. Во 1959 е избран за редовен асистент на Техничкиот факултет во Скопје, а во 1967 за доцент и во 1978 за редовен професор на истиот факултет.

    „Посебна преокупација на архитектот Муличкоски претставува архитектонското проектирање во кое внесува нови сознанија како резултат на сестрани истражувања: историски,психолошки, ликовни… Така во делата на Муличкоски покрај сеопфатната градежно-техничка дисциплина , надоградена е уште една креативна снага – уметничката компонента. Оваа особеност е карактеристична за неговите реализирани објекти, користејќи го природниоткарактер на градежните материјали: бетон, стакло, метал, дрво и тула, видливи со својата природна структура, текстура и боја. Карактеристика во делата на Муличкоски е и забележителната интелектуална поврзаност со традицијата и градитеското културно наследство, со очигледен истражувачки напор на авторот како предизвик во барањето оригинални решенија со трајни вредности“, се вели во неговата биографија на сајтот Македонска архитектура (МАРХ).

    Во 1960-те престојувал во САД во светски архитектонски бироа и во студиото на Френк Лојд Рајт во Аризона, во школата на Мис Ван дер Рое во Чикаго и во студиото на Чарлс Имс во Чикаго. Имал стручни престои и во во Шведска, Данска, Швајцарија, Италија и Грција.

    „Нема сомнение дека современите светски тенденции во архитектурата извршиле влијание врз творештвото на Петар Муличкоски. Во неговите дела посебно е забележителна функционалноста и специфичноста на конструкциите, и објектите поседуваат чист и јасен архитектонски израз на конструктивизмот и новиот брутализам, едниот направен од метал, бетон и стакло со ‘ѕидна завеса'(Владата) и другиот во натур-бетон, оригинален претставник на новиот брутализам (Спомен-костурница во Кавадарци)“, велат од МАРХ.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира