ПОЧИНА ХРВАТСКИОТ ОСКАРОВЕЦ БРАНКО ЛУСТИГ, ПРОДУЦЕНТ НА СПИЛБЕРГ И СКОТ

    ПОЧИНА ХРВАТСКИОТ ОСКАРОВЕЦ БРАНКО ЛУСТИГ, ПРОДУЦЕНТ НА СПИЛБЕРГ И СКОТКако преживеан од Аушвиц, Лустиг во 2015 го подари Оскарот за „Шиндлеровата листа“ на Музејот на холокаустот Јад Вашем во Ерусалим; - Лустиг со сопругата Мирјана во Јад Вашем. (Фото: Ројтерс)

    Најпознатиот хрватски филмски продуцент Бранко Лустиг, добитник на два Оскара, почина денес во Загреб на 87 години. Лустиг има добиено Златен глобуса и Оскар за „Шиндлерова листа“ во 1993 и „Гладијатор“ во 2000.

    Поради еврејското потекло, за време на Втората светска војна бил затворен во концентрационите логори Аушвиц и Берген Белсен. Голем број членови на неговото семејство изчезнале низ концентрационите логори низ Европа, меѓу кои и неговата баба која биле убиена во гасна комора, а таткото бил убиен во Чаковец. Неговото животно искуство со логорите е вградено во филмот „Шиндлерова листа“.

    Лустиг е роден во Осиек во 1932, во 1955 дипломирал глума на Академијата за драмски уметности во Загреб, а истата година ја почнал професионалната кариера во загрепскиот „Јадран филм“. Набрзо потоа, Лустиг бил ангажиран во речиси сите филмски продукции на просторите на бивша Југославија.

    Лустиг поминал повеќе од 50 години во филмската индустрија. Во 1970-те почнал да работи на странски копродукции, кои во 1980-те го однеле во Лос Анџелес. Таму го запознал Стивен Спилберг, со кого го снимија „Шиндлерова листта“, освои Оскар и стана влијателен продуцент во Холивуд. Работеше на „Миротворец“ со Џорџ Клуни и Никол Кидман што во 1997 се снимаше и во Македонија, a по Оскарот за „Гладијатор“ на Ридли Скот, со него работел и на филмовите: „Ханибал“, „Падот на црниот јастреб“, „Небесно царство“, „Добра година“ и „Американски гангстер“.

    Лустиг пред десет години се врати во Хрватска, каде беше директор на Фестивалот на толеранција – Фестивал на еврејски филм. Изминативе години беше прогласен за почесен граѓанин на Осиек, Чаковец и на Загреб, а добитник е и на државни ордени и признанија. Во 2014 доби француски орден Витез на уметноста и книжевноста, а истата година се најде на листата на 50 најдобри филмски продуценти на сите времиња.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари