ПОЧИНА КАНСАИ ЈАМАМОТО, МОДНИОТ ДИЗАЈНЕР КОЈ ПРАВЕШЕ КОСТИМИ ЗА ДЕЈВИД БОУВИ

    ПОЧИНА КАНСАИ ЈАМАМОТО, МОДНИОТ ДИЗАЈНЕР КОЈ ПРАВЕШЕ КОСТИМИ ЗА ДЕЈВИД БОУВИЈамамото со еден од костимите на Боуви од 1973 (Фото: ЕПА)

    Прославениот јапонски моден дизајнер Кансаи Јамамото, познат по своите авангардни колекции и соработката со Дејвид Боуви, почина на 76 години од леукемија.

    Јамамото правеше разнобојни креации, во кои вклучуваше традиционални јапонски дизајни и во 1971 година стана прв јапонски моден креатор кој одржал ревија на Лондонското модно шоу. После таа ревија, која доби одлични критики, Јамамото почнал да дизајнира костими за Боуви, вклучувајќи ги и оние за неговото алтер его Зиги Стардаст.

    Јамамото му помогна на Боуви да го оживее неговото алтер его Зиги Стардаст (Фото: Гети)

    Во интервју од 2016 година, Јамамото откри дека Боуви се заинтересирал за неговата работа откако ги видел неговите женски креации во Лондон.

    „За среќа, Дејвид имаше многу тенко тело и тие совршено му одговараа, без преработување“, кажа Јамамото.

    Тој дизајнираше најразлични креации за концертите на Боуви, помагајќи му да ги оживее своите други личности, како Зиги Стардаст.

    Јамамото и Боуви пред негов настап во 1973 година (Фото: Гети)

    „Мојата облека стана дел од Дејвид, од неговите песни и музика. Тие станаа дел од пораката што тој ја пренесуваше во светот“, се присети Јамамото.

    Освен Боуви, тој работеше и за други музички ѕвезди, како Елтон Џон и Стиви Вондер.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари