ПОЧИНА ПОЕТОТ АКАДЕМИК РАДОВАН ПАВЛОВСКИ

    ПОЧИНА ПОЕТОТ АКАДЕМИК РАДОВАН ПАВЛОВСКИПавловски изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. (Фото: Принтскрин од видео)

    Радован Павловски поет, есеист и патописец, почина вчера на 84 години, соопшти Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Павловски беше редовен член на МАНУ од 2006.

    „Академик Радован Павловски во континуитет во изминатите шест децении е еден од најпреведуваните македонски поети во светот. Повеќе книги со негова поезија се објавени и преведени во Македонија и надвор од неа, на српски, албански, словенечки, турски, француски, англиски, руски, чешки, романски, есперанто, шведски и бугарски јазик, а во голем број избори на творештвото и на германски, италијански, арапски, грчки и кинески јазик. Творештвото на академик Радован Павловски е вклучено во разни антологии на современата македонска, европска и светска поезија“, велат од МАНУ.

    Павловски животот го посветува на поезијата, која ја твори повеќе од шест децении. Во 1952 во списанието „Народно здравје“ првпат е објавена неговата кратка песна „Загонетка“, а во 1955 се определува за поезијата создавајќи ги првите песни од збирката „Суша, свадба и селидби“. Покрај пишувањето поезија твори и во другите уметности, црта цртежи и карикатури и создава скулптури.

    Работниот век го почнува во декември 1956 година кога се вработува како преведувач и новинар во Радио Скопје (Танјуг), а потоа од 1959 година и во „Нова Македонија“. Од 1964 до 1982 година живее и твори во Загреб, а од 1982 до 1985 година во Белград. Во Македонија се враќа во 1985.

    „За неговиот творечки пат и поетиката во единство со животот и творештвото во декември 1960 година остварува патување во земјите на источен Медитеран: Кипар (Фамагуста), Сирија (Латакија), Либан (Бејрут), Египет (Александрија и Каиро), потоа во 1981 година е на тримесечен студиски престој во Париз и потоа во Прага од 27 јули до 27 август 1979 го изучува чешкиот јазик, литература и култура на семинарот Летна школа на Карловиот универзитет како стипендист на Чешката влада и Сојузот на чехословачките писатели. Големо значење за неговото творечко искуство имаат и следните посети: во 1973 година со југословенската книжевна делегација остварува петнаесетдневна посета на тогашниот СССР посетувајќи поетски средби во Москва, Ташкент, Самарканд, Волгоград, Ленинград (Санкт Петербург) и учеството на Деновите на македонската култура во Англија во 1979 година каде настапува на поетски средби во ‘Риверсајд студио’ во Лондон, Оксфорд, Брадфорд, гратчето Хеј он Веј во Велс и на север во Норич, при што тој пишува и патопис“, вели МАНУ.

    Павловски беше член на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ, на Македонскиот ПЕН центар, а бил член и на Сојузот на писателите на СФРЈ. На 10 мај 2006 е избран за редовен член на МАНУ.

    Автор е на книгите поезија „Суша, свадба и селидби“ (1961/1971), „Корабија“ (1964), „Високо пладне“ (1966), „Клима и лира“ (1966), „Езерска земја“ (1969), „Низ проѕирката на мечот“ (1971), „Сонце за кое змијата не знае“ (1972, на хрватски), „Пир“ (1973, на хрватски), „Зрна“ (1975), „Молњи“ (1978), „Стражи“ (1980), „Магија момче“ (1981), „Чума“ (1984), „Клучеви“ (1986), „Марена“ (1986), Избрани дела во три тома (1986), „Темелник“ (1988), „Зрна, Молњи и Клучеви“ (1989, трилогија), „Замок на розата“ (1990, избор), „Бог на утрото“ (1991), „Светлина“ (1993), ,„Вселенски деца“ (1993, поезија за деца), „Јавач на звукот“ (1995), „Синот на Сонцето“ (1999), „Штит“ (2001), „На едно око“ (2002), „Свртничар на светлините“ (2004), „Господар на перото“ (2006), „Океан во капка“ (2008), „Заштитна повелба“ (2008), „Воспеви“ (2009), „Јас сум време“ (2009), „Мојата ѕвезда“ (2012/2013, собрани дела во три тома) и „Се случува вечност“ (2014).

    Коавтор со академик Богомил Ѓузел е на манифестот „Епското на гласање“ (1960) и автор на „Манифестот на Поетската Република Железна Река“ (1990), на патописот „Отклучување на патиштата“(1986), на книгата есеи „Што може поезијата?“ (1993), „Демократска џунгла“ (1994, политички есеи), „Порака на поетот до поетите на светот“ (1995, СВП) и „Поетиката на походот на Александар Македонски во цивилизациите“ (2009, есеј-студија).

    Добитник е на наградите „Браќа Миладиновци“ (1965, 2002), „11 Октомври“ (1971), „Кочо Рацин“ (1975), „Повелба на печалбарите“ (1990), „Гоцевата повелба“ (1991), „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга (1995 и 2014), Жезлото на ДПМ (2002) и Благодарница од Струшките вечери на поезијата за унапредување и развој на поетскиот фестивал (2011).

    Академик Павловски за своето творештво е добитник и на Орденот за заслуга за народ со сребрени зраци.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира