Во уметничката галерија „Метаноја“ во Скопје беше промовирана монографијата „Вечните симболи“, посветена на животот и творештвото на сликарот Александар В. Настески (1948-2023), чии автори се Ивана и Маја Настески (ќерките на Александар В. Настески) и новинарот Зоран Андонов. Во монографијата, преку текст и фотографии, претставени се неколку од најважните ликовни опуси од повеќе од петдецениското ликовно творештво на Настески, кој остави голем белег во ликовниот живот во Македонија.
Неговиот ликовен опус започнува со сликање на тетовските порти, тетовските маала, пред сè Два Бреста, свадбените обичаи и старата тетовска архитектура. Секогаш барајќи нов ликовен израз, Настески продолжува да истражува, впуштајќи се во создавање ликовни дела инспирирани од митологијата, користејќи комбинирани техники за да го долови чувството на минатото, митското, таинственото и мистичното.
„Го гледам неговиот почеток со сликањето на неговото Тетово, како потоа влегува во комбинирани техники и создава неброени минијатури, за да биде воодушевен од карпестата уметност и конечно да влезе во Ерата на Кладенките. И додека јас размислував за овој автор, додека се соочував со неговата уметност, додека се воодушевував на сè она што Александар Настески го оставил во аманет, мојот впечаток уште еднаш беше продлабочен дека оваа земја создава врвни уметници од секој ков и од секој вид“, рече Коста Милков, кој беше промотор на монографијата.
Сепак, најобемниот и ликовно најизразен опус на Настески го сочинуваат сликите инспирирани од карпестата уметност. Во потрагата по древните записи во карпите, создадени од човекот кој живеел пред неколку илјади години, тој пронајде голема и неисцрпна инспирација, која ја пренесе на десетици и десетици слики, речиси сите насликани во голем формат.
Неговата истражувачка дејност беше високо оценета и преку неговото учество на еден од најголемите светски симпозиуми за карпестата уметност, Симпозиумот во Валкамоника, Италија. На овој светски собир на проучувачите на карпестата уметност, Настески учествуваше двапати. Првиот пат, во 2011, со текст за наодите на карпеста уметност покрај тетовската река Пена, а вториот пат, во 2013, со труд за локалитетот Маркова Карпа. Овие два негови труда беа објавени во зборниците издадени од симпозиумите, додека текстот за „Карпата со стапалките“ беше објавен во 2018 година во зборникот на IFRAO, меѓународната организација за карпеста уметност. Исто така, на симпозиумот во 2011 година тој се претстави и со десетина свои слики на тема карпеста уметност.
Драги Неделчевски, кој ги сними фотографиите во подготовката на монографијата, зборуваше за долгогодишното другарување, или, како што самиот потенцира, живеење со Настески. Зоран Андонов говореше на истражувањата што ги направи Настески во областа на карпестата уметност.
Како дел од промоцијата беше поставена и ретроспективна изложба на слики од Настески, создадени во различни периоди од неговото творештво, од кои дел за првпат беа претставени пред јавноста.
Настески од 1977 година беше член на ДЛУМ, а во 2001 е еден од основачите на Здружението на ликовни уметници на Тетово. Во својата 52-годишна ликовна дејност има приредено 23 самостојни изложби во Македонија и две во Франција, а има добиено и бројни награди за своето ликовно творештво.
Издавањето на монографијата „Вечните симболи“, е проект поддржан од Министерството за култура и туризам .
Б. НЕСТОРОСКА



