ПРВАТА И ПОСЛЕДНИТЕ ФИЛМСКИ УЛОГИ НА ЉУПЧО ТОДОРОВСКИ-УПА ДЕЛ ОД ОМАЖОТ В СРЕДА ВО КИНОТЕКАТА

    ПРВАТА И ПОСЛЕДНИТЕ ФИЛМСКИ УЛОГИ НА ЉУПЧО ТОДОРОВСКИ-УПА ДЕЛ ОД ОМАЖОТ В СРЕДА ВО КИНОТЕКАТАЉупчо Тодоровски-Упа на отворањето на Филмскиот фестивал Киненова во 2016, каде беше уметнички директор. (Фото: Киненова)

    Омаж за актерот и продуцент Љупчо Тодоровски-Упа, кој на 65 години почина во јануари од ковид-19, ќе се одржи в среда во 19 часот во Кинотеката.

    Во чест на Упа, кој беше и кастинг-директор, сценарист и продуцент, ќе биде прикажан мини-документарец подготвен од неговите пријатели и соработници, краткиот игран филм „Налепница“ на Георги М. Унковски (една од последните улоги на Упа), и „Јазол“ на Кирил Ценевски, во кој Упа дебитаираше на филм.

    Упа играл во триесеттина кратки и долгометражни играни филмови и ТВ-серии на повеќе јазици. Потписник е и на петнаесетина театарски режии и има одиграно десетици улоги во проекти и во театарски куќи низ цела поранешна Југославија, како и на безброј разни други сцени.

    „Актерството го доживуваше како фрлање зрак светлина врз туѓите животи“, велат од Кинотеката.

    Еден е од основачите на аматерскиот театар „Чекори“. Во 1983 дипломирал актерство во класата на професорот Љубиша Георгиевски. За време на студиите настапувал во Драмскиот театар во Скопје.

    „По Академијата, воден од творечкиот немир и можността за почесто играње на филм, заминува за Белград, каде останува цели 10 години. Играл покрај искусни и водечки југословенски актери, настапувајќи во повеќе филмови и театарски претстави. Од 1997, покрај актерството, се занимава и со филмска и ТВ продукција, пишува сценарија и работи кастинг директор“, вели Кинотеката.

    Една од последните главни улоги му е во филмот „Ругање со Христос“ на Јани Бојаџи, но како што велат од Кинотеката, неостварен сон му останал реализацијата на долгометражниот филм „Мајсторот“, за кој го напиша сценариото пред 11 години. Режисер на овој филм требаше да биде Иво Трајков, а проектот имаше и начелна согласност за соработка со легендарниот кинематографер Виторио Стораро кој во 2005 ја доби Златната камера 300 за животно дело на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ во Битола.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира