ПУБЛИКАТА Е СЕКОГАШ ВО ПРАВО, ВЕЛИ АКТЕРОТ НИНО ЛЕВИ, КОЈ СЕ ПЕНЗИОНИРАШЕ ПО 34 ГОДИНИ ВО МНТ

    ПУБЛИКАТА Е СЕКОГАШ ВО ПРАВО, ВЕЛИ АКТЕРОТ НИНО ЛЕВИ, КОЈ СЕ ПЕНЗИОНИРАШЕ ПО 34 ГОДИНИ ВО МНТ„За мене добра претстава е онаа која поставува прашања и по завршувањето на изведбата уште долго време си под импресија и сакаш да зборуваш за неа“, вели Леви. (Фото: К. Попов)

    Актерот Нино Леви од Македонскиот народен театар (МНТ) на 18 јануари се пензионираше, но, вели, за актер нема пензија, продолжува со играње претстави. Леви дипломирал во 1987 на Факултетот за драмски уметности, на отсекот за актерска игра во класата на проф. Љубиша Георгиевски и проф. Слободан Унковски, а од 1989 е вработен во МНТ. Во матичната куќа помина 34 години, и одигра 53 улоги.

    Леви за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека има само убави спомени од студентските денови, по цел ден биле ангажирани, од сабајле со теоретските предмети, попладне со актерска игра. Во повисоките семестри биле ангажирани и во професионални театарски претстави, а работеле и радиодрами, ТВ-серии.

    „Од моите еминентни професори, најзначајните дејци во современата македонска театарска уметност, Љубиша и Унко, можеше многу да се научи. Од Љубиша научив ликот да го градам со многу ‘пречки’. Тоа е методска единица во која бараме што повеќе изразни средства при поставувањето на мизансценот. А од Унко научив, при градењето на ликот да ‘одам до крај’. Тоа значи , при градење на лик да натрупаш што повеќе материјал, кој со текот на пробите го редуцираш и обликуваш во договор со режисерот“, ни кажа Леви.

    Прва улога му била Онуфрие во претставата „Денови од нашиот живот” од Леонид Андреев во режија на Васил Христов, во 1989. Со таа претстава го примиле во МНТ.

    „Тогаш немаше аудиции за прием на нови актери туку на овој начин се примаа новите актери, ако си успешен во претставата ќе те примат, те гледа комисија и така натаму“, додава тој.

    „Од моите еминентни професори, најзначајните дејци во современата македонска театарска уметност, Љубиша и Унко, можеше многу да се научи“, вели Леви. (Фото: К. Попов)

    За тоа што за него, според досегашната богата кариера, е добра, а што лоша претстава, Леви ни рече дека критериумите за добра претстава кај секој гледач се различни и сите се во право, односно секој има право да ја оценува работата на глумците.

    „За мене добра претстава е онаа која поставува прашања и по завршувањето на изведбата уште долго време си под импресија и сакаш да зборуваш за неа. Добра претстава е онаа по која се памтат реплики, и секако онаа која долго останува на репертоарот. На пример, ‘Буре барут’ имаше преку 200 изведби и се играше 19 години“, вели Леви.

    Издвои и една анегдота, токму од претставата „Буре барут“ од Дејан Дуковски, која ја постави Сашо Миленковски.

    „Упаднав во сцена во која не играв, го заменував Никола Ристановски кој беше болен. И ние се разболуваме (ха, ха). Во сцената играм бараба која го брка дечкото што му ја оштети колата. Дечкото го играше Маги Ризова. Бега Маги на сцената и трча во круг, јас по неа. Јас треба да ѝ дадам шлагворт, знак, да престане, ама јас сум го заборавил и Маги не престанува да трча во круг, душа ми излезе (ха, ха)“, вели тој.

    Леви на сцената на МНТ игра во претставите „Народен непријател“ на Нина Николиќ, „Силјан Штркот шанца“ на Срѓан Јаниќијевиќ и „Бесачи“ на Јавор Грдев, каде игра во алтернација со Гораст Цветковски.

    „Во Драмски театар ја играм ‘За нас почнува живот’. За сите овие претстави се бара карта повеќе. Ќе продложам да играм во ТВ-проекти, во најава е снимањето на нова серија, имам во глава неколку проекти, но за тие работи другпат“, ни рече Леви.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира