РЕЖИСЕРОТ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ОД МНТ ЗАМИНУВА ЗА ДИРЕКТОР ВО МАРИБОР

    РЕЖИСЕРОТ АЛЕКСАНДАР ПОПОВСКИ ОД МНТ ЗАМИНУВА ЗА ДИРЕКТОР ВО МАРИБОР„Влегов во МНТ да помогнам со целиот свој кредибилтет и контакти, но не сакам да бидам дел од тонењето на оваа институција“, рече режисерот Александар Поповски, кој денес во МНТ ја образложи својата одлука да замине од местото престедател на Управен одбор на МНТ (Фото: К. Попов)

    Реномираниот режисер Александар Поповски поднесе оставка како претседател на Управниот одбор на Македонскиот народен театар (МНТ), затоа што, како што објави денес на прес конференција, не сака да биде дел од тонењето на оваа институција. Меѓу причините поради кои си заминува е неможноста цела година да се назначат директор и уметнички директор, поради нејасен статус на работното место на претходниот директор, режисерот Дејан Пројковски.

    Пројковски во 2010 стана уметнички раководител на МНТ, а од 2015 до лани беше генерален директор.

    „Пројковски, по поднесената оставка на место директор, во систеамтизацијата на установата фигурира и како режисер и како уметнички директор. Платата која ја прима е за позицијата уметнички директор, 40.000 денари, а според решение кое не е одобрено од Управниот одбор, фигурира на местото режисер кое не постои. Во овој момент МНТ има вработено пет режисери, Пројковски е шестиот. Сакам да потенцирам дека нашиот увид во овој проблем беше нецелосен и речиси невозможен, поради низа нелегални постапки од повеќе служби во овој случај во самата институција“, рече Поповски.

    В. д. директорката на МНТ, Симона Угриновска и Александар Поповски (Фото: К. Попов)

    Во Управниот одбор членуваат уште двајца актери и две режисерки: Перо Арсовски, Драгана Костадиновска, Зоја Бузалковска и Нина Николиќ. Оставката е лична на Поповски, но тој вели дека тие се запознаени со целиот случај и се согласуваат со сите постапки.

    Поповски вели дека кога дошол на оваа функција, заедно со Одборот и со в. д. директорката Симона Угриновска која беше назначена во февруари, побарале од правната и од финаниската служба на театарот увид во долговите, новата систематизација и евентуални неправилности. Нивната работа, вели Поповски, била дополнително отежната и од нерасчистената ситација во однос на моментални финансиски обврски на МНТ кон добавувачи врз основа на претходно склучени договори за јавни набавки на стоки и услуги и обрвски за комуналии во периодот од 2015 до 2017, поради што постои основ за сомневање за ненаменско трошење на средства во износ од 150 илјади евра.

    Оваа сума е утврдена од правната служба на барање на Управниот одбор и од независната ревизија, побарана од Угриновска. За оваа ситуација се известени, вели режисерот, Министерството за култура и Министерството за внатрешни работи.

    „Ние не сме тие кои можат да направат проценка дали во овој случај има злоупотреба и затоа ги предадовме документите на надлежните институции. Сметам дека мојата работа во ова тело е сосема бесмислена, доколку надлежните институции до кои писмено се обративме и на неколку наврати усмено комунициравме, не се произнесуваат и не реагираат на овие појави. Доколку тие институции документирано се изјаснат дека сѐ е во ред , тогаш јас можеби нешто не разбирам, но сеедно и да не разбирам во тоа не сакам да учествувам. Затоа ја поднесувам својата оставка, со надеж дека институциите ќе се вознемират и ќе регираат соодветно според законите во Македонија“, кажа Поповски.

    Поповски, кој од неодамна е уметнички директор на Охридско лето, добил покана да биде уметнички директор на Словенско народно гледалишче во Марибор, но вели дека тоа не влијае на неговата одлука да замине од МНТ.

    Поповски верува дека новиот министер за култура Асаф Адеми нема ни време да се запознае со целата ситуација и дека оваа реакција ќе биде повод да се заинтересира.

    На новинарски коментар дали очекува некаква промена, откако претходниот министер Роберт Алаѓозовски стана надворешник советник за култура во Владата, Поповски рече : „Мора да има почеток на сериозна дебата за културата во Македонија. Ако претходното раководство и преходниот министер се залагаа за друг тип на култура, тој треба да се додефинира и да се направи. Ако збориме за таа нова модерна, каде се точките на таа нова модерна? Не ме интересира учество во оваа култура“.

    Прашана за нов претседател на Управниот одбор, в. д. директорката Угриновска рече дека тој надворешен член го делегира Министерството за култура. Од Министерството најавија дека коментар ќе дадат во текот на денот со соопштение.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари