САКАМЕ НОВА ПУБЛИКА – ФИЛХАРМОНИЈАТА СО ДВА КОНЦЕРТA СО МУЗИКА ОД ЦРТАНИ ФИЛМОВИ, ПАНК, РОК И ПОП

    САКАМЕ НОВА ПУБЛИКА – ФИЛХАРМОНИЈАТА СО ДВА КОНЦЕРТA СО МУЗИКА ОД ЦРТАНИ ФИЛМОВИ, ПАНК, РОК И ПОПГрадоначалникот на Скопје Петре Шилегов доби маица од директорот на Филхармонијата Виктор Илиески со темата на првиот концерт на отворено, „Ну Погоди“ (Фото: К. Попов)

    Со два тематски различни концерта на отворено, Филхармонијата ја завршува сезоната 2018/2019. Директорот Виктор Илиески денес ги најави двата концерта во Градскиот парк: „Ну Погоди“ на 23 јуни и „Љубов и револуција“ на 29 јуни.

    „’Ну Погоди’ е уникатен проект, при што ќе бидат изведени теми од култните цртани филмови од земјите од источниот блок, кои го обележаа детството на генерациите од 1970-ите и 1980-ите години“, вели Илиески.

    Во аранжман на Владимир Николов и под диригентство на Џијан Емин, ќе бидат изведени темите од „Балтазар“, „Ну Погоди“, „Как Казаки“, „Козле Бозле“, „Густав“, „Балтазар“, „Мечето Ушко“, проследени со специјални видеопроекции и светлосен дизајн. Покрај Филхармонијата, ќе настапи и бенд во состав Зоран Костадиновски – гитара, Иван Бејков – бас, Гордан Спасовски – клавијатури и Гоце Стевковски – тапани.

    Џијан Емин ќе диригира на двата концерти „Ну Погоди“ и „Љубов и револуција“. За вториот концерт ги направи и аранжманите (Фото: K. Попов)

    Говорејќи за „Љубов и револуција“ , Џијан, кој ги направи аранжамните и ќе диригира, рече дека Оркестарот ќе изведе популарни теми од сферата на поп, рок и панк музиката, а на репертоарот ќе бидат хитови на „Рејдиохед“, Ник Кејв, „Бисти бојс“, „Продиџи“, „Нирвана“, „Секс пистолс“, „Клеш“, Џими Хендрикс, „Ролинг стоунс“, „Пинк флојд“, Дејвид Боуви и „Рамштајн“.

    Илиески вели дека овој концерт е реткост во светската практика, бидејќи ваков тип на композиции ќе бидат изведени од Оркестар и Хор, во случајов со 32 хористи.

    „Со овие концерти сакаме да постигнеме два ефекти: да покажеме како работат Филхармониите во светски рамки и плус, да привлечеме нова публика“, кажа Илиески.

    Филхармонијата ги организира концертите во соработка со Младинскиот културен центар (МКЦ) и Град Скопје.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира