Два концерта во Националната опера и балет се на програмата на втората вечер на 43. Скопски џез фестивал.
Од 20 часот настапува квартетот на португалскиот саксофонист Родриго Амадо, опишан како еден од најзначајните европски импровизатори во моментов. Тој во Скопје ќе го претстави својот нов, меѓународен бенд „Бриџ“ (The Bridge), во кој членуваат тројца ветерани на џезот: германскиот пијанист Александер фон Шлипенбах, норвешкиот контрабасист Ингебригт Хокер Флатен и американскиот тапанар Џери Хемингвеј.
Експерименталната група „Ди Енд“ (The End), составена од талентирани музичари од Норвешка, Австрија и Шведска, ќе одржи концерт од 22 часот. Предводена од славниот саксофонист Матс Густафсон, музиката на „Ди Енд“ е уникатен спој на грајндкор, слободен џез и ноиз, збогатена со елементи од мавританската, етиопската, индиската и скандинавската народна традиција.