САРА КЛИМОСКА НАГРАДЕНА ЗА „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ, ВО АВГУСТ АМЕРИКАНСКА ПРЕМИЕРА

    САРА КЛИМОСКА НАГРАДЕНА ЗА „КАЈМАК“ НА МАНЧЕВСКИ, ВО АВГУСТ АМЕРИКАНСКА ПРЕМИЕРАКлимоска освои награда за најдобра актерка на на филмскиот фестивал во Сомбор, Србија. (Фото: ФФ Сомбор)

    Сара Климоска освои награда за најдобра актерка за улогата на Доста во „Кајмак“ на филмскиот фестивал во Сомбор, Србија. Кајмак“ играше во главната натпреварувачка програма овој млад фестивал чие петто издание годинава беше под мотото „За оние кои доаѓаат“, а заврши викендот.

    „Сара е глумец од светски калибар, талент што се раѓа еднаш во генерација“, вели Манчевски за Климоска.

    Србија е една од земјите каде „Кајмак“ беше и на редовниот кинорепертоар.

    Продукцијата на филмот соопшти дека „Кајмак“ ќе има американската премиера на 33. фестивал Синеквест во Калифорнија од 15 до 30 август. Синеквест е еден од најголемите и најреномираните независни фестивали на американскиот континент, а специфичен е по програмата што поддржува иновативни и креативни уметнички дела. Се одржува во Сан Хозе и Редвуд Сити во Силиконската Долина, седиште на најголемите технолошки гиганти (Фејсбук, Епл, Твитер, Нетликс, Зум, Линкедин). Токму на Синеквест пред 3 години „Врба“ на Манчевски ја освои наградата за Најдобар филм и беше претставен како „филм што нема да го заборавите“.

    Минатиот месец филмот ја имаше и данската премиера во Копенхаген. „Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, Гвајана и Ст. Китс и Невис… Понатамошниот процес на пласман е во тек, велат од продукцијата.

    „Кајмак“ ја имаше светската премиера на фестивалот во Токио (А-категорија), потоа продолжи со фестивалска турнеја во Тајпеј, Португалија, Италија, Бугарија, Србија и други, каде што беше поздравен со неколкуминутни стоечки овации и бројни написи во локалните медиуми. Ја освои Специјалната награда на жирито на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија. Лани беше најгледан филм во Македонија.

    Филмот е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција поддржана од Еуримаж, а играат Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Ана Стојановска, Сара Спировска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Директор на фотографија е Данецот Улрик Боел Бенцен, монтажер Холанѓанецот Емил Нуненга, музиката е на Данскиот гудачки квартет и на Игор Василев-Новоградска, дизајнер на продукцијата е Британецот Дејвид Манс, дизајнер на шминка Италијанецот Марио Микисанти, а кастинг директор е нашата Милка Анчевска. Продуцент е Јане Ќортошев, а копродуценти Мета Фолдагер, Мете Борч, Синиша Јуричиќ и Елс Вандеворст. Извршен продуцент е Иан Прајор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира