Скопската Стоковна куќа „НА-МА“ од 1964 и Работничкиот дом Скопје од 1962, дела на архитектот Славко Брезовски, зградата на Електростопанство на Македонија од 1980 на Бранко Петричиќ, Студентскиот дом „Кузман Јосифовски-Питу“ на Јован Ранковиќ од 1961, Градската болница на Драго Иблер се дел од фотоизложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор, која синоќа се отвори во Музејот на современа уметност (МСУ) во Скопје.
Изложбата ја организира МСУ во соработка со Амбасадата на Германија и Архитектонскиот факултет во Скопје по повод стогодишнината на познатата и исклучително влијателна архитектонска школа Баухаус.
Изложени се 50 фотографии што ја прикажуваат архитектурата на модерната од сите нејзини најразлични аспекти, а скопските објекти, како што рече д-р Ана Ивановска-Дескова од Архитектонскиот факултет, се дел од изложбата бидејќи „Иако Скопје не е дел од тоа, сакавме да покажеме како модернизмот, како Баухаус, бил адаптиран тука локално и да направиме паралела со останатиот дел од светот“.
Таа додаде дека на изложбата има фотографии од зградите од Валтер Гропиус, од Мис ван дер Рое, згради кои се сметаат за архитектонски икони денеска, но и згради кои немаат директна врска со Баухаус, но имаат со сите современи авангардни движења кои се случувале во Европа, како германскиот експресионизам и руската авангарада.
Молитор веќе десет години патува низ светот, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на модерната, која од 2016 научно е поддржана од историчарката по архитектура, д-р Каја Фос. Во проектот „Бау1хаус“, Молитор сака да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура.
Молитор ни рече дека во својата архива има 400 фотографии и дека годинава имал 25 изложби. Проектот почнал како работа во Африка и чекор по чекор се заинтересирал да дознае повеќе за архитектурата.
„Сакам да патувам и да ги спојувам фотографијата и архитектурата“, вели тој, а на прашањето дали додека е во Скопје го разгледал градот ни рече: „Да, се вртам наоколу и се чудам што треба да претставуваат сите тие објекти во центарот. Со сите тие статуи личи на Дизниленд. Не ми е јасно што мислеле и зошто го направиле тоа“.
Од Архитектонскиот факултет велат дека модерната архитектура во Скопје се создава во неколку наврати; во скромен обем, но со извонредно значење за првпат се појавува во периодот помеѓу двете светски војни (1918-1941).
„Истовремени со градбите кои сѐ уште носат белези на академизмот и неговите локални подваријанти, делата на Иблер и Злоковиќ во Скопје храбро ја воведуваат естетиката на европската авангарда. Повоениот период (1945-1963) веќе добива широк модернизациски карактер и додава нов, обемен архитектонски слој кој во себе ги обединува предвоените искуства и новите истражувања и стекнати знаења. Речиси без исклучок во делата на Леви, Ранковиќ, Брезоски, Петричиќ. Доминира естетиката на едноставни, ‘бели’ волумени и големите застаклени површини. Ваквиот начин на архитектонско изразување и обмислување на просторот во континуитет продолжува да опстојува и во периодот на постземјотресната обнова и изградба на Скопје, овојпат како еден од мноштвото можни архитектонски јазици (структурализам, метаболизам, брутализам итн.“, велат од Факултетот.
Германскиот амбасадор во Македoнија Томас Герберих, рече дека Баухаус е пионер во архитектонскиот јазик кој е разбирлив за сите и додаде дека „денес сме сѐ уште фасцинирани од оваа архитектура“.
Говорејќи за историјата на Баухаус, Ивановска-Дескова кажа дека 2019 е годината кога светот го слави основањето на една од највлијателните школи за уметност, дизајн и архитектура во 20. век во светот.
„Школата Баухаус билоа основана во 1919 во Вајмар. Историјата била сурова кон ова училиште, кое било затворено во 1933 со намера да се уништат сите идеи кои Баухас ги ширел. За среќа на историјата, за историјата на уметност и архитектурата, не успеале во ова, и како што гледаме денес, 100 години по основањето, многу од идеите на Баухаус за дизајн, уметност и архитектура се живи меѓу нас“, рече Ивановска-Дескова.
Изложбата ќе трае до 21 ноември, а вечерва во 19 часот, во киносалата на МСУ ќе се прикаже долгометражниот документарен филм „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш.
Б. НЕСТОРОСКА