„СЕСТРИ“ НА ДУМА ГО ОТВОРИ „БРАЌА МАНАКИ“, ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНИТЕ ГОДИНИ ПУБЛИКАТА ОСТАНА ДО КРАЈОТ НА ФИЛМОТ ПРЕД КОКТЕЛОТ

    „СЕСТРИ“ НА ДУМА ГО ОТВОРИ „БРАЌА МАНАКИ“, ЗА РАЗЛИКА ОД ПРЕТХОДНИТЕ ГОДИНИ ПУБЛИКАТА ОСТАНА ДО КРАЈОТ НА ФИЛМОТ ПРЕД КОКТЕЛОТЛауреатите Кристијан Бергер, Џослин Пук и Северџан Бајрам. (Фото: ИФФК Браќа Манаки)

    „Сестри“, дебито на режисерката Дина Дума го отвори синоќа 42. издание на Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола, а Пациото во Завод и музеј Битола остана полно со гости, иако поради протоколите со намален капацитет до 250 лица. По проекцијата целата екипа од филмот се поклони пред публиката.

    „Ѝ благодарам на публиката што остана до крај да го гледа филмот. Луѓето кои претходно работе на Фестивалот ми кажаа дека многу малку остануваат на премиерата, а потоа се враќаат на коктелот. Тоа што останавте е доказ дека Битола има вистински филмски вљубеници“, рече директорот на фестивалот Симеон Мони Дамевски.

    Дина Дума и екипата на дебито „Сестри“ . (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    Сите згоди и незгоди на фестивалот на свои плеќи го понесе директорот Дамевски, кој не премолчи ни еден пропуст. Од сцената јавно проговори дека имаа мала незгода кога се навали филмското платно додека на сцена беа претседателот Стево Пендаровки и лауреатот на Златната Камера 300 Кристијан Бергер, како и за неколкуминутниот прекин на прокцијата поради проблеми со струјата.

    Фестивалот се отвори со настап на Каролина Гочева, придружувана на пијано од Никола Мицевски. (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    „Да кажам четири нешта кои вгодина нема да се случат. Ќе имаме пократко отварање, ќе има кафе чај и пијалаци на отворањето за освежување, ќе внимаваме да не влезе кеса во вентилаторот што го дува филмското платно, ќе внимаваме кога го затемнуваме просторот да нема електрична склопка“, рече Дамевски.

    добитник на специјалната Камера 300 за особен придонес во филмската уметност беше и рускиот филмски режисер Андреј Кончаловски, кој не допатува во Битола поради пандемијата. (Фото: ИФФ Браќа Манаки)

    Фестивалот за првпат по многу години, поради запазување на протоколи за ковид-19 , беше отворен во оригиналниот амбиент на битолското Пацио место во Кино салата на Центарот за култура. Се отвори со настап на поп ѕвездата, битолчанката Каролина Гочева, придружувана на пијано од Никола Мицевски, заедно изведоа неколку филмски нумери.

    Во церемонијалниот дел претседателот Стево Пендаровски, покровител на Фестивалот, му ја врачи наградата Златна Камера 300 за животен опус на Кристијан Бергер, австрискиот волшебник зад камерата.

    „Би сакал да ја споделам мудроста што доаѓа со мојата возраст. Малку можам да го споредам фестивалот ‘Браќа Манаки’ со другите фестивали, таму гледам сè поголема комерцијализација. Тоа никогаш не сум го искусил низ годините овде. ИФФК ‘Браќа Манаки’ е посебно место за нашата страст, а тоа е филмот и не знам друго место кое би било на второ место по ова“, рече Бергер.

    Годинава добитник на специјалната Камера 300 за особен придонес во филмската уметност беше и рускиот филмски режисер Андреј Кончаловски, кој не допатува во Битола, поради актуелната состојба со пандемијата, како и Џослин Пук, една од најпознатите британски композитори на филмска, театарска, телевизиска и концертна музика.

    „Имав можност и привилегија да бидам запознаена со вашата земја поради тоа што мојот сопруг потекнува од Србија, и навистина сметам дека вистинското наследство што го има вашата земја е едно од најнеоткриените бисери-богатства на Европа“, рече Пук.

    Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи ја додели наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ на актерот Северџан Бајрам, кој ги собра аплаузите од публиката со својата искреност и шеговитост.

    „Немам ни ф од филмска академија, но баба ми велеше талентот што Бог ќе му го даде на човека не можат ни седум милијарди луѓе колку што има на Земјата да му го земат“, рече Бајрам.

    Иако годинава за отворањето беше променета локацијата, црвениот тепих остана како дел од фестивалскиот декор. најголемиот дел од гостинките беа во црни фустани и немаше многу шаренило во облеката. На тепихот се промовираа и кандидатите за градоначалници на Битола, а покрај другите гости прошетаа и директори на јавни институции, филмаџии.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира