Македонскиот пијанист со светска кариера Симон Трпчески летово ќе одржи два концерта на отворено во Македонија. Првиот на 13 август во Античкиот театар во Охрид, а вториот на 14 август во Хераклеја во Битола, објави продукцијата „Прагма“.
„Овие два концерта се ретка можност публиката во Македонија да доживее уметник од светски ранг во автентичен, отворен и исклучително инспиративен амбиент“, велат од продукцијата.
На 20 декември 2025, Трпчески одржа Новогодишен концерт во арената „Борис Трајковски“ во Скопје. Во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет (НОБ), ансамблот „Македонисимо“ и повеќе гости, а под диригентство на Сашо Татарчевски, Трпчески со концертот прослави 25 години исклучително богата, призната и наградувана кариера.
Пијанистот на почетокот на концертот ѝ најави на публиката дека ќе има можност да ужива во една прекрасна музика, во „избор на дела од за нас прилично блиски како менталитет и народ и музика, па донекаде и традиции, а ќе прошетаме и низ Шпанија и Латинска Америка“.



