СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРА ЌЕ ШТРАЈКУВА ОД 16 ДЕКЕМВРИ ПОРАДИ ОДЛОЖУВАЊЕТО НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОР

    СИНДИКАТОТ НА КУЛТУРА ЌЕ ШТРАЈКУВА ОД 16 ДЕКЕМВРИ ПОРАДИ ОДЛОЖУВАЊЕТО НА КОЛЕКТИВНИОТ ДОГОВОРНа 8 октомври вработените во културните инстиуции излегоа на протестен марш насловен „Колективен сега“, за кој рекоа дека е предупредувачки штрајк (Фото: Ѓ. Личовски)

    Синдикатот на културата на Македонија (СКРМ) најави штрајк од 16 декември, откако, како што велат оттаму, ненадејно прекинала работата на работната група за изготвување на Предлог колективен договор и сѐ уште немаат одговор од Министерството за култура за тоа која е причината.

    „Имено, последниве 10 дена работната група за колективен договор во Министерството за култура не е активна, односно работата е неосновано прекината од страна на Министерството. Како синдикат кој директно е вклучен во преговорите, изминатите денови се обидувавме да ги дознаеме причините за ваквиот застој во работата, особено во време кога требаше да се финализира предлог колективниот договор и да се пушти на јавна расправа. Испративме неколку дописи со барање за продолжување на работата до повеќе официјални лица, но сè уште немаме никаков одговор од кабинетот на министерот Хусни Исмаили или неговиот заменик Владимир Лазовски“, велат од СКРМ.

    Советот на СКРМ потсетува дека вработените во културата не бараат покачување, туку уредување на платите и правична валоризција на трудот по основ на колективен договор кој не е уреден 15 години.

    Од Министерството за култура демантираат дека е прекината работата на групата за потпишување на колективниот договор.

    Во изминатите денови подгрупите работат на детална анализа и финансиската пресметка на средствата кои се потребни за потпишување и примена на колективниот договор. Министерството за култура како и досега, така и во иднина ќе ги поддржува вработените во културата за остварување на нивните барања и посветено, заедно со сите чинители во културата и со претставниците на СКРМ и на СОНК ќе работи на унапредување на условите во културата. Преговорите за колективниот договор продолжуваат веќе во понеделник во 13 часот за кога ќе биде закажан состанок со работната група“, велат од кабинетот на министерот Хусни Исмаили.

    Премиерот Зоран Заев денеска одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието рече дека работата на работната група е запрена оти од Синдикатот е побарано прво да ги нивелира и класифицира работните места.

    „Ние сакаме да скучиме колективен договор до крајот на годината. Финансискиот дел во предлог буџетот е генерално обезбеден. Проблемот е посуштински. Бараме од Синдиктот да ги нивелираат, класифицираат и воедначат работните места, за да нема ситуации кога некој со пониско образование ќе добива повисока плата. Треба да се знае колку е платата на едно работно место и колку се добива дополнително во зависност од институцијата. Тоа треба да се договори меѓу партнеритее: Министерството за култура и Синдикатот“, кажа Заев.

    На 8 октомври вработените во културните инстиуции излегоа на протестен марш насловен „Колективен сега“, за кој рекоа дека е предупредувачки штрајк. Премиерот Зоран Заев на 24 октомрви се сретна со претседателката на СКРМ, Сања Арсовска, по што таа кажа дека има позитивна реакција од министерот за потпишување на колективниот договор до крајот на годината.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира