Операта „Скендербег“ која композиторот Фатос Лумани ја пишуваше две години, и за која Министерството за култура даде 3,5 милиони денари (околу 57.000 евра), на 23 октомври премиерно ќе се изведе во Националната опера и балет (НОБ). Режисер на операта е Ќендрим Ријани, а либретист Аријан Красниќи. Ќе се пее на албански јазик, солистите се главно гости од Албанија и од Косово, а има и од НОБ. Ќе диригира Олси Ќинами, кој живее во Велика Британија.
Операта се најавува од август 2018, кога тогашниот министер за култура Асаф Адеми кажа дека Министерството ќе даде 3 милиони денари за операта „Скендербег“, пари кои не се дел од буџетот за Годишната програма за проекти од национален интерес во културата.
„Во пресрет на 550-годишнината од смртта на националниот херој, Ѓерѓ Кастриот Скендербег, потпишав одлука да на 28 ноември оваа година, во Големата сала за опера и балет да биде претставена премиерата на операта ‘Скендербег’. Честито!“, напиша Адеми на крајот на август во 2018 на Фејсбук.
Операта на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 доби доби 3,5 милиони денари, а НОБ побарала 5 милиони денари. Директорот на НОБ Васил Ристов во интервју за државната агенција МИА кажа дека „Скендербег“ е нарачана од албанскиот блок и почна да се подготвува во 2018.
„Претходниот в. д. директор аплицирал во Министерството за култура за да влезе во Годишната програма, но зашто тогаш немало целосна документација за ‘Скендербег’, не се добија средства. Идејата беше за лани, но операта не беше напишана и тоа се одложи за 2019. Оваа година се договоривме со авторите, аплициравме и добивме буџет од 3,5 милиони денари за ‘Скендербег’. Засега тоа е единствениот буџет за оваа премиера. Дали ќе бараме уште, а најверојатно ќе бараме, бидејќи 3,5 милиони се малку средства за која било премиера. Се зголеми бројот од првично планираниот за балетски играчи, за хористи, за потребите во сценографијата. Кога се појавуваат други идеи, тоа ги крева цените“, изјави Ристов.
На денешната прес-конференција, композиторот Лумани кажа дека ја пишувал две години бидејќи му требало инспирација, како и време, соодветно на тоа дека се работи за комплексно музичко дело.
Режисерот Ријани кажа дека поставката на „Скендербег“ е современа, и дека Ѓерѓ Кастриот познат и под името Скендербег, во оваа опера се портретира како врвен борец, патриот, но и како човек обземен со човечки и љубовни чувства.
„Во оваа опера, Скендербег не се бори против никого. Ова е претстава за неговиот живот и враќањето во родниот крај. Нема никаква национална конотација“, рече Ријани.
Засега се најавени три изведби на „Скендербег“, од кои една во Тетово, а директорот Ристов вели дека ќе остане на репертоарот на НОБ.
Б. НЕСТОРОСКА