СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ГО СЛАВИ 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ СО МУЗИЧАРИ ОД САД, КУБА И ЕВРОПА

    СКОПСКИОТ ЏЕЗ ФЕСТИВАЛ ГО СЛАВИ 40-ГОДИШНИОТ ЈУБИЛЕЈ СО МУЗИЧАРИ ОД САД, КУБА И ЕВРОПАФестивалот го отвора суперѕвездата на скандинавскиот џез Матс Густафсон (Фото: СЏФ)

    Музичари од САД, Куба и Европа ќе бидат дел од новото издание на Скопскиот џез фестивал, што ќе се одржи од 20 до 24 октомври. Програмата од јубилејното 40. издание на фестивалот ќе се одржува во Националната опера и балет и Младинскиот културен центар.

    „И покрај очигледните предизвици и бројните ограничувања што ги донесе кризата со коронавирусот, императив беше зачувување на високиот интернационален карактер на фестивалот и на традицијата да го нуди најдоброто од џезот и од импровизираната музика“, велат од Скопски џез фестивал.

    За разлика од лани, кога некои концерти беа ексклузивно стримувани од далечни локации, годинашната програма ќе оди целосно во живо.

    Фестивалот ќе го отвори суперѕвездата на скандинавскиот џез Матс Густафсон, а од САД доаѓаат квартетот на басистката Линда Меј Хан О и култната музичарка, поетеса и активистка Мур Мадер, која ќе ја придружуваат Густафсон и легендарниот перкусионист на „Арт Ансамбл оф Чикаго“, Дуду Којате.

    Во програмата ќе има и музичари од Данска, Португалија, Грција, Австрија и Куба, а како еден од ексклузивитетите е најавен специјалниот проект „Ну Мјузик 4“, посветен на џез легендата Дон Чери. Домашната сцена ќе ја претставува проширениот ансамбл на композиторот и мултиинструменталист Јордан Костов.

    Во придружната програма на фестивалот се изложбата на плакати на Скопскиот џез фестивал, премиерите на документарните филмови за Арета Френклин и за издавачката куќа „Блу ноут“ и настапот на најпознатиот албански џез состав во моментов „АЈС квартет“.

    Г. КОНЕВ

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира