Со проекција на „Смрт во Сараево“ на босанскиот оскаровец Данис Тановиќ, вечерва во 20 часот во Кино Култура се затвора првото издание на филмскиот фестивал Киненова Скопје. На свеченото затворање, жирито на чело со еден од најзначаните европски сценаристи Разван Радулеску ќе ги соопшти и победниците во конкуренцијата во која беа 8 дебија или втори филмови на авторите. Исто така, ќе биде прогласен и победникот на работилницата за развој на краток филм која носи 3.000 евра за реализација.
„Смрт во Сараево“ на Тановиќ освои Сребрена мечка на годинашното Берлинале, а е според текстот „Хотел Европа“ на францускиот филозоф Анри Бернар-Леви за „егзистенцијалните стравови, стрепења и морални дилеми што го мачат современото европско општество“.
На последниот фестивалски ден пред затврањето, во Кино Култура во 16 часот ќе игра „Татковина“ на српскиот режисер Олег Новковиќ, а во 18 часот е документарецот „Над и под“ на швајцарскиот дебитант Николас Штајнер. Во Кинотеката од 15 часот игра официјалната селекција на кратки филмови, од 18 часот е репризата на „Џонатан“ на германскиот автор Пјотр Левандовски кој е во конкуренција за награди, а од 20 часот е „Палуба под Теразије“ на српскиот режисер Дејан Влаисављевиќ.