СО ДОКУМЕНТАРЦИ, ТВ-ЕМИСИИ И МУРАЛ КИНОТЕКАТА ВЕЧЕРВА СЛАВИ 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА КОНЕСКИ

    СО ДОКУМЕНТАРЦИ, ТВ-ЕМИСИИ И МУРАЛ КИНОТЕКАТА ВЕЧЕРВА СЛАВИ 100 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА КОНЕСКИМуралот е на површина од 20 квадратни метри, и ќе биде насликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво. (Фото: Кинотека)

    Во Кинотеката на Македонија вечерва во 20 часот ќе има проекции на документарни филмови и ќе биде откриен муралот посветени на великанот на македонскиот јазик и култура Блаже Конески, во чест на 30 години независност на државата и 100 години од раѓањето на Конески.

    Творештвото на Конески е богато и опфаќа голем број прозни, поетски, есеистички и други дела. Конески е добитник на најзначајните државни награди за своето творештво, меѓу кои и Златен венец на Струшките вечери на поезијата (1981), како и бројни меѓународни признанија.

    На вечерта посветена на стогодишнината од раѓањето на великанот ќе бидат проектирани документарни филмови и ТВ-емисии инспирирани од неговиот живот и посветени на неговото книжевно дело: десетина куси филмови произведени 2021 по нарачка на Министерството за култура, а по повод одбележувањето на јубилејот на Конески, потоа документарните „Прилеп, вчера и денес“ (1959) и „Ден кога се проштева“ (1976) во продукција на „Вардар филм“, како и телевизиските проекти „Шахот во Македонија“ (2007) и ТВ-лектира-„Ракување“ од Блаже Конески (2004).

    Во соработка со Фестивалот за урбана култура Мурал, кој годинава се одржува по трет пат, ќе биде претставен мурал на површина од 20 квадратни метри, на кој ќе биде насликан портретот на Конески, задно со одредени одлики на неговото творештво. Муралот е дело на уметникот Дејвид Стоилковски-Молерај од Куманово, автор на бројни мурали и графити. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности, отсек графика во класата на професорката Славица Јанешлиева. Учествувал на повеќе групни изложби и проекти, меѓу кои и „Кумановски графичари“ 2018 ; Современа Македонска графика – „Графичка акција Скопје – Сплит“ 2019 ; изложба во чест на Драгутин Аврамовски Гуте (каде што е добитник на награда за најдобро изработено графичко дело за 2019); на повеќе завршни изложби на Факултетот за ликовни уметности (ФЛУ). Стоилковски-Молерај бил коорганизатор и учесник на „Графити фест“ во Куманово 2017 и 2018, учествувал во разни проекти за исцртување мурали и графити низ Куманово и Македонија, „Графити фест“ Неготино 2018, реализирал мурали во Кочани, Чашка- Велес, Крива Паланка.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира