СПАСЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ ОД ПОЖАРОТ ВО ЗАВОДОТ ЗА УРБАНИЗАМ НА ИЗЛОЖБА ВО МСУ

    СПАСЕНИТЕ ДОКУМЕНТИ ОД ПОЖАРОТ ВО ЗАВОДОТ ЗА УРБАНИЗАМ НА ИЗЛОЖБА ВО МСУИдејата за двондевниот меѓународен симпозиум во МСУ на „Прес ту егзит“доаѓа од пожарот кој пред две години го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје, и во кој голем број значајни документи беа пеплосани (Фото: „Прес ту егзит“)

    Во Музејот на современа уметност (МСУ) вечерва во 20 часот почнува меѓународниот симпозиум „Еј, што имаме да изгубиме? Архивирањето како колективен чин на отпор“, во организација на Здружението за современа уметност и кураторски практики „Проектен простор Прес ту егзит“ од Скопје.

    Идејата за овој настан доаѓа од пожарот кој пред две години го уништи Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје, и во кој голем број значајни документи беа пеплосани. По пожарот во кој беше уништен најголемиот дел од архивата на заводот како планови, меморандуми, извештаи, брошури, книги, урбанистички студии и макети, руините на објектот беа изложени на случајните минувачи.

    „Ние како здружение реагиравме веднаш после пожарот, кога видовме дека барикадите околу просторот се отворени, а сите материјали расфрлани. Тогаш предложивме да го собереме сето она што остана“, велат Јане Чаловски и Христина Иваноска од „Прес ту егзит“.

    Во акцијата за расчистување на дел од документите и предметите, кои не изгореа, тие успеале да спасат значајни документи од постземјотресно Скопје. Веднаш реагирале во Државниот архив, Асоцијацијата на архитекти на Македонија и Музејот на Град Скопје од каде добиле поддршка.

    „И еве, две години подоцна, успеавме да поканиме и гости од странство и да ја претставиме идејата и да покажеме до каде сме стигнале со првичната замисла. Целта е да се создаде продуктивна дискусија и наедно гостите панелисти од странство да ги пренесат своите искуства, за тоа кои модели тие ги користат во своите земји околу архивирањето на значајни документи од културното наследство. Се стремиме кон таа убава, хумана идеја дека ќе ја сочуваме некако историјата и материјата за понатамошни изучувања. Сите треба да нѐинтересира таа продукција на знаење и тоа заедничко одење понатаму“, велат Чаловски и Иваноска.

    Вечерва на првиот панел ќе зборуваат Сабина Саболовиќ од Хрватска, Чарлс Еше директор на Музејот Ван Абе од Ајндховен и Себастиан Цихочки главен куратор на Музејот на модерна уметност во Варшава. Утре напладне исто така ќе има панел со гости од државава и од странство, а ќе биде промовирана и книгата „Потрошувачка култура на Социјалистичка Југославија“ на проектот Мотел Трогирт.

    Ќе се отвори и изложба на уметниците Антонис Питас од Холандија, Тјаша Калкан од Хрватска и Јане Чаловски, курирана од Јованка Попова, како и изложба на дел од материјалите, кои беа прибрани за да се заштитат од понатамошно уништување од опожарениот Заводот за урбанизам и архитектура во Скопје во 2017 година.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира