СПОМЕНИК НА СЛОБОДАТА

(Кон документарецот „Руини“ на Елена Чемерска, кинематографери Ѓорѓи Клинчаров и Марина Колоска, монтажа Владимир Гојун и Горјан Атанасов, композитор Игор Василев-Новоградска)

    СПОМЕНИК НА СЛОБОДАТАСцена од документарецот „Руини“ на Елена Чемерска. (Фото: Синема футура)

    Документарецот „Руини”, режисерско деби на визуелната уметница Елена Чемерска, за реставрацијата на Споменикот на слободата во Кочани, монументално дело на татко ѝ Глигор Чемерски и архитектот Радован Раѓеновиќ, е во исто време депресивен и инспиративен. Депресивен е оти покажува колку во нашава заедница е длабоко вкоренета колективната афазија –  заборавот, а не сеќавањето е одлика на општествената ментална структура поради што нема ни поим од концептот за култура на сеќавањето. Инспиративен е оти покажува дека само со лична акција – човечка, уметничка, културна, опшествена, политичка – се создава, се гради и се одржува културата на сеќавањето.

    Филмот, кој комбинира архивски снимки, снимен документарен материјал и лична нарација, е топла и искрена лична историја во која Чемерска го документира деветгодишниот макотрпен процес на реставрација на целосно запуштениот споменик и сите брутални пречки низ мрачните лавиринти на македонската биократија, но и нејзината врска со татко ѝ и браќата – филмаџијата и параглајдерист Филип и брилијантниот преведувач Огнен кој го преведе „Моби Дик“ – кои починаа во кус период еден по друг, како и со мајката на браќата Каќа Раѓеновиќ и со мајка си Рајна. Филмот, всушност, е комплексно дело кое со необична леснотија ги истражува темите на справување со личната загуба и личниот залог за зачувување на дело кое не е само семејно ами и светско културно наследство.

    На македонската премиера на фестивалот МакеДокс Чемерска рече дека првичната идеја ѝ била само да се направи значенска реставрација на Споменикот на слободата, да му се врати значењето кое го има. „Но во текот на процесот открив голема видеоархива и други документи, па се зафативме со проектот за целосна реставрација. Тогаш решив да го документирам целиот процес и морав да научам да правам филм за да го сторам тоа“, рече таа.

    Токму документирањето на тој процес е највозбудливото во филмот – Чемерска си ја распостила душата без задршка и низ постојан внатрешен дијалог со татка си како човек и уметник, од руините на Споменикот на слободата низ бројни премрежиња го гради своето лично прибежиште на слобода. Документарна синематска постапка е едноставна и чиста, но со длабок емотивен ефект.

    Глигор Чемерски (1940-2016) е еден од најзначајните македонски уметници, а на Споменикот на слободата, бетонски комплекс завршен во 1981, создал 335 квадратни метри мозаични прикази на историската борба на македонскиот народ за слобода, од Илинденскиот период до антифашистичката Народно ослободителна борба (НОБ), што тогаш бил најголем мозаик од еден автор во Европа. Во „Руини“ има снимка каде тој кажува дека при секое доаѓање во споменикот како одново да ја преживува секоја минута од животот. „А тоа не е мала привилегија“, вели тој.

    Смртта, која е постојана тема на истражување во делата на Чемерски како составен дел од животот, како да е посебен протагонист во документарецот. Во една архивска снимка тој зборува дека ја открил смртта како дете во звуците на вриење низ коњските гробишта и лозјата во Кавадарци, бил фасциниран но ја доживувал и како вриеж на живот. Тоа се менува по смртта на син му Филип. „Ја нема твојата вродена пргавост, тоа ме плаши“, вели Елена во нејзиниот замислен дијалог со татка си.

    Личната акција за реставрација на Споменикот на слободата, која Чемерска ја презема и ја тера со повеќегодишна упорност и себеоткажување не е само инспиративна, туку е и акт на вистинска ангажирана уметност. „Многу сум хепи“, вели трогнато таа  во снимка од претставувањето на реставрираниот споменик во декември 2024, по двегодишна обнова со грант од 254.300 долари преку Амбасадорскиот фонд на САД, што беше и прва поддршка од овој фонд за заштита на споменик од современата македонска уметност што ја чествува борбата против фашизмот. Кругот на тој колосален потфат се затвори, но и како одново да се отвори на првата проекција на „Руини“ во самиот Споменик на слободата во Кочани во септември 2026 – се виде дека дел од светилките и електричната инсталација се веќе украдени.

    Во август годинава, по премиерата на документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски со сведоштва на преживеаните во пожарот во кочанското диско „Пулс“ на 16 март 2025, напишав дека филмот е пресвртна точка – своевидна концептуална матрица – во создавањето на современата македонска култура нa сеќавањето.

    „Руини“ на Чемерска е исклучително голем придонес во надградувањето на таа културна матрица.

    Светската премиера на „Руини“ беше на 14 јуни 2026 во конкуренцијата за награди на филмскиот фестивал во Шангај, Кина. Од 29 октомври филмот игра во киното Синеплекс во Скопје и во кината во градовите низ Македонија.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира