Викендот на 15-16 март 2025 бев дежурна во редакција. Саботата беше спор ден, главниот настан беше големиот студентски протест закажан вечерта во Белград, останав доцна ноќта следејќи го. Во неделата многу рано наутро ме разбуди главниот уредник – имало пожар во дискотека во Кочани, досега 30 мртви. Во тие први професионално френетични минути да се организира и изведе известувањето, изумив дека имам блиски роднини во Кочани, помина некое време додека помислив да се јавам на домашните. Разбрав дека мојот 19-годишен внук е добро, се надишал чад, спасен бил од вецето како единствениот што имал пулс од неколкумината паднати врз него. Неговиот 20-годишен братучед загина. Потоа ми јавија дека му е лошо и префрлен е во штипската болница, кусо потоа дека е однесен во Скопје и до вечерта беше меѓу петте деца што итно беа префрлени во Воено-медицинската академија (ВМА) во Белград. Таму остана речиси еден месец.
Неделата работевме до доцна во ноќта, а истата френетичност продолжи и во понеделникот, дури вечерта станав свесна за димензијата на трагедијата, се срушив.
Во тие први недели по трагедијата во дивото диско „Пулс“, во сета оpштествено-политичка и масмедиумска преегзалтација и бучава околу причините за несреќата, одговорноста, корупцијата, се изгуби можеби единственото суштинско прашање – каде се луѓето што преживеаја, што им се случувало заробени во пламенот, како преживеале, како живеат?
За овие 35 години независна држава, кочанската трагедија со 63 млади жртви и над 200 повредени е најголемата во низата несреќи што ги преживеавме како заедница, но овде заборавот, а не сеќавањето е одлика на општествената ментална структура и справувањето со траумата. Концептот за култура на сеќавањето – како заедницата свесно ги одржува живи сеќавањата на минатото и на минатите трауми за да го обликува својот сегашен идентитет и идните постапки – е речиси непостоечки.
Документарецот „Добри луѓе“ на Милчо Манчевски е пресвртна точка – своевидна концептуална матрица – во создавањето на современата македонска култура нa сеќавањето.
Еден месец по несреќата, Манчевски во Кочани ги сними сведоштвата на дваесетина млади преживеани од кочанскиот пекол и на родители кои загубија деца, сè уште во првичниот шок. Остави документ кој ја сублимира трагедијата во едно јасно артикулирано сознание: загубивме луѓе. Луѓе.
Во повеќе наврати низ годините, а и сега, Манчевски кажувал дека е сомничав кон документаристичкиот жанр оти „честопати сакајќи или не сакајќи во помала или во поголема мерка вистината е манипулирана во правењето документарни филмови“. „Меѓутоа, сметав дека ова е многу важен настан и дека тоа што луѓето од Кочани имаат да го кажат и тоа што го почувствувале мора да биде запишано во еден ваков формат, затоа направив документарец“, рече тој на македонската премиера на МакеДокс.
Како искусен режисер, но и бескомпромисен уметник, Манчевски не само што ја донел одлуката да направи синематски минималистичко и аскетско дело, туку можел и да ја спроведе со усул во создавањето – да им даде збор на луѓето сами да си кажат што преживеале таа ноќ, а тој да се повлече, да слуша. Таа сирова документарна форма – само говорници снимени во среден план седнати пред црна завеса – и нежна воздржаност и емпатија на авторот им го оставаат целиот простор на сведоштвата кои се неверојатно јасно артикулирани, отворени, нефилтрирани и директни. И затоа филмот е ангажиран – до даска.
Со монтажно стакато на искажувањата, ритамот на филмот точно ја фаќа ургентноста на состојбата на шок во која се говорниците, нивната незапирлива потреба да го кажат тоа што што го преживеале (монтажата е на Мишко Чунихин). Кусите затемнувања од пар секунди меѓу исказите, пак, ни помагаат нам како гледачи за миг да се соземеме, да го разбереме чуеното. Во филмот има музика само на почетокот и на крајот, кога една минималистичка тема налик на стилизиран јаук отсвирена на контрабас од композиторот Игор Василев-Новоградска ги придружува снимките со дрон на кочанските оризови полиња. Има и две куси неми снимки со телефон, од моментот кога од искрите на прскалките се пали таванот на диското, и од столбовите густ чад што избиваат од зградата што гори.
Манчевски, чие творештво се одликува со длабок интерес и истражување на човековата состојба, со „Добри луѓе“ создава комплексен документ за човештината.
Емотивната архитектура на филмот се гради преку хронолошкиот тек на настаните: отпрвин сите мислеле дека запалениот таван е сценски ефект, потоа настанало стампедо и сурова борба за гол живот, многумина се помириле дека нема да излезат живи, тие што се спасиле останале да помагаат, некои дошле од дома да спасуваат, вина дека преживеале и не помогнале доволно, лутина дека се случи трагедијата, верба дека животот мора да продолжи.
Токму деликатниот уметнички израз на филмот, без бомбастичност и дополнителна бучава, овозможува гласот на учесниците, нивните лица и говор на телото јасно да го насликаат ужасот што го доживеале: „имав само една цел, да го видам небото, надворешното небо“… „не беа звуци, беа крици“… „како беспомошни животни“… „само пискотници и топлина“… „јас само гледав да се спасам“… „толку“… „се помирив дека нема да излезам од диското“… „моите очи видоа толку работи што мојот мозок не можеше да ги процесира“… „сите ритавме, кубевме, апевме“… „девојчиња подават раци и викаат помош“… „помагав на кој може“… „мамо збогум, сакам те“, … „прсти ти пропаѓаат во нивната кожа“ … „на прозорите решетки, а задниот влез забарикадиран однатре со гипс картон“ … „кога излеговме надвор, имаше тепих од мртви деца“… „ѝ реков на полицајката де помогни тука, она ми рече јас не сум обучена за тоа“… „сите што ги допревме сите беа мртви“… „познав ја по фустанчето“… „не беше херојство, беше човечки инстинкт“…„секој што има грам човечност излезе да помага“… „пекол, пекол, пекол“… „полицајката ме допре лесно за раката и ми рече – не бива“… „иако татко на мртва ќерка продолжив да помагам“… „сите загинаа само јас преживеав“… „осеќав с…срам“ … „осеќав се загадено како личност од тој хорор што го поминав“… „изгубивме младост“… „ќе имаа они многу убави животи“… „дали има нешто човечко во нив“… „ќе живееме, ќе се бориме нема што да праиме, мораме, мораме“… „ќе одиме напред, чекор по чекор“… „пак ќе одам ако треба, што ќе ми е животот без нив, тие са ми на мене“…
Па сепак, емотивната кулминација на филмот е во сознанието дека човечноста е тоа што излегува и во зло и во добро – сознание колку страшно (поради личната одговорност за секоја постапка) толку и утешно (поради личната одговорност за секоја постапка).
Имав привилегија првпат да го гледам „Добри луѓе“ на кочанската затворена проекција за семејствата на загинатите и преживеаните од пожарот во „Пулс“ ден пред македонската премиера на МакеДокс. Седумнаесет месеци по трагедијата, во салата полна со придушен липтеж, првпат плачев за Кочани.
(*„Добри луѓе“ од денеска игра на редовниот репертоар на кино Синеплекс.)
Марина КОСТОВА



