СРАМОТА Е ЗГРАДА СТАРА 4 ГОДИНИ ДА ТЕЧЕ НА 3 МЕСТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МНТ

    СРАМОТА Е ЗГРАДА СТАРА 4 ГОДИНИ ДА ТЕЧЕ НА 3 МЕСТА, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ НА МНТУтрово реката Вардар се излеа на неколку места близу театарот. (Фото: М. Златевска)

    В.д директорот на Македонскиот народен театар (МНТ) Драган Спасов – Дац реагира на Фејсбук до надлежните служби да постават вреќи со песок кај театарот, по излевањето на Вардар од малото корито.

    Дац ни рече дека ја следат ситуцијата, апелирано е до сите надлежни служби во Градот Скопје и се надеваат дека надојдената вода нема да го надмине второто ниво на кејот на Вардар.

    Директорот додава оти вода нема навлезено во подрумските простории, но од дождот кој не престанува да врне, тече во фојаето на театарот, на сцената и во машинската сала.

    „Срамота е зграда стара 4 години да тече на 3 места. Поставуваме кофи на местата каде што тече, и за среќа нема контакт со апарати и механизми за да се направи дефект“, ни рече Спасов – Дац.

    Македонскиот народен театар, на левиот брег од реката Вардар, е изграден врз темелите на Стариот театар кој се урна во земјотресот во 1963 година.

    Се градеше од 2008 до 2013 година, и иако на почетокот беа предвидени 6 милиони евра, сепак на крајот стигна до речиси 40 милиони евра.

    Свечено беше отворен во декември 2013 година, со премиерата на претставата „Вечната куќа“ од Јордан Плевнеш, во режија на Дејан Пројковски, тогашен уметнички директор на МНТ.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари