СТАКЛАТА НА ДРАМСКИ ТЕАТАР ЌЕ ПАДНАТ ВРЗ МИНУВАЧИ, ТЕАТАРОТ ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ЧЕКА НОВА ЗГРАДА

    СТАКЛАТА НА ДРАМСКИ ТЕАТАР ЌЕ ПАДНАТ ВРЗ МИНУВАЧИ, ТЕАТАРОТ ЕДНА ДЕЦЕНИЈА ЧЕКА НОВА ЗГРАДАСтаклата се испукани по целата висина,таквата состојба трае повеќе од десетина година, но не беше забележана од пошироката јавност бидејќи имаше завеси - (Фото: А. Михајловска)

    Листови со предупредување „Внимание!! Опасност од кршење на стакло. Ве молиме не поминувајте покрај стаклата“ се залепени на надворешните стакла на Драмски театар во скопската општина Карпош. Стаклата се испукани по целата висина, од горе до долу, но познавачите велат дека таквата состојба трае повеќе од десетина година, но не беше забележана од пошироката јавност бидејќи имаше завеси. Завесите беа тргнати неодамна, па сега може да се видат испуканите стакла. Овој објект на Драмски е изграден пред 54 години.

    Директорката на Драмски, Викторија Рангелова-Петровска за САКАМДАКАЖАМ.МК вели дека испратиле известување до Министерството за култура и дека за состојбата е известен заменик-министерот Владимир Лазовски.

    „Минатата недела дојде комисија да направи увид и побараа од нас да составиме документација за да може да се распише тендер за поправка. Очекуваме во брзо време да се обезбедат средства за санација на стаклата“. ни рече директорката.

    Првонаградениот проект во 2009 на авторите-архитекти Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска и соработниците Веле Богоевски и Никола Томевски

    Драмски театар уште во март 2009, во мандатот на ВМРО-ДПМНЕ со тогашниот директор Бранко Ѓорчев (кој почина во 2013 н.з.) го презентираше избраниот проект за идејно решение за изградба на нова театарска зграда. Првата награда ја доби проектот под шифра „Актер“ на „Платформа“ д.о.о. на авторите-архитекти Емил Јегени, Елена Икономов, Јасна Милојковиќ и Билјана Стојменовска и соработниците Веле Богоевски и Никола Томевски.

    Според тогашните објави, театарот требаше да биде вклопен во мултифункционален деловен центар, кој ќе биде висок максимум 30 метри. „Театарот ќе зафаќа 20 отсто (приземје и два ката) од вкупниот простор на објектот и површина од околу 4.000 квадратни метри. Предвидени се голема и мала сцена, со 350 седишта за гледачи во партер и 150 места во галерија. Драмски театар сега се простира на 1.700 квадратни метри“, презентираше тогаш комисијата на чело со Мартин Пановски.

    Директорот Ѓорчев тогаш кажа дека за изградбата на новиот објект ќе се бараат средства по моделот приватно партнерство зашто не се предвидени буџетски пари. „Доколку фазите се реализираат непречено, изградбата би почнала за девет месеци. Општина Карпош направи измена на ДУП-от на општината, во кој е внесена маркичката за новата зграда“, рече тогаш Ѓорчев.

    По овие најави, во 2014 беше објавено дека планираното здание на местото на постоечкиот театар во скопската населба Карпош 2 ќе го гради приватен инвеститор. Министерството за култура на 16 декемвrи го објави повикот за пронаоѓање на компанија со која ќе воспостави договор за јавно-приватно партнерство за изградба на планираниот објект, при што проценетата вредност на градителскиот зафат изнесува 369.600.000 денари или 6 милиони евра, без вклучен ДДВ.

    Оваа фотографија беше објавена во 2016 од тогашниот директор на Драмски, Роберт Вељановски, дека вака ќе изгледа новиот Драмски театар

    Во 2016 Министерството за култура објави тендер за избор на фирма-изведувач и дека објектот ќе биде само театар.

    „Објектот ќе се изгради со средства од буџетот на Република Македонија и во обем само за потребите на театарот. Новиот театар ќе поседува голема сала со капацитет од 379 седишта и мала сала со капацитет од 82 седишта распоредени како монтажно гледалиште, други придружни содржини и административно-технички простор. Сценскиот простор ќе биде уреден според светските театарски стандарди и ќе биде опремен со современа сценска технологија. Буџетот е 750.000.000 денари, овој проект е предвиден во новата програма на ВМРО ДПМНЕ, 2017- 2020 година“, објави тогаш министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

    До ден денес, нема никакви најави за нова зграда на Драмски театар. Последната санација беше лани во мај, кога по обилните врнежи од дожд, прокапе покривот на повеќе места, меѓу кои и на сцената. Тогаш, Министерството за култура издвои 54 илјади евра за санација за кровот.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира