СУПЕРМОДЕЛОТ ЛЕТИЦИЈА КАСТА ВО БИТОЛСКО ЌЕ СНИМА ШВАЈЦАРСКО-ФРАНЦУСКИ ФИЛМ

    СУПЕРМОДЕЛОТ ЛЕТИЦИЈА КАСТА ВО БИТОЛСКО ЌЕ СНИМА ШВАЈЦАРСКО-ФРАНЦУСКИ ФИЛМФранцуската актерка и супермодел Летиција Каста во Македонија ќе го снима филмот „Позади хоризонтот“; - Каста на годинашниот Кански филмски фестивал

    Француската актерка и поранешна манекенка на „Викторија сикрет“ Летиција Каста летово ќе снима филм во неколку битолски села. Четириестгодишната Каста ќе глуми во филмот „Позади хоризонтот“ во режија на Делфин Лерис, швајцарско-француска копродукција, поддржана од Еуримаж . Снимањето ќе трае од 20 јули до 24 август.

    Каста беше супермодел на „Викторија сикрет“ од 1998 до 2002, заштитно лице на повеќе брендови, има снимено филмови како „Астерикс и Обелиск против Цезар“, „Гензбур“, „Французинки“, а се појавила на над 100 насловни на светските списанија.

     

    Швајцарската продуцентска куќа „Бокс продашнкс“ објави две фотографии од подготвките за снимањето во Македонија (Фото: Фејсбук)

    Дејството во филмот се случува летото 1976, кога Европа се соочува со една од најголемите жештини и суши во историјата.

    „Гас (13 години) го поминува летниот одмор на фармата на неговите родители, чита стрипови и се дружи со локалното момче Мадо. Но полека, неговото семејство почнува да чувствува проблеми од големите жештини, неговата мајка го менува однесувањето, татко му сам се справува со сушата и Гас мора да порасне пребрзо и да преземе сериозни обврски“, е дел од содржината објавена на филскиот сајт ИМДБ.

    Во филмот игра и Клеменс Поеси, која има играно во два дела од „Хари Потер“ и во ТВ-серијата „Озборувачка“, како и Тибо Еврар и Патрик Дешамп.

    Филмскиот сервис во Македонија го обезбедува продукцијата „Кино око“, од каде велат дека продуцентите „Бокс продашкнс“ од Швајцарија и „Помеѓу куче и волк“ од Франција ќе ги користат поволностите од Законот за филмска дејност, во делот на поврат на финансиски средства кои не се обезбедени од буџетот на Македонија.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира