СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ НА ТАМАРА КОТЕВСКА „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“ НА 9 НОЕМВРИ ВО ЊУЈОРК

    СВЕТСКА ПРЕМИЕРА НА ДОКУМЕНТАРЕЦОТ НА ТАМАРА КОТЕВСКА „ПАТУВАЊЕ ПЕШ“ НА 9 НОЕМВРИ ВО ЊУЈОРКФилмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, која претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците. (Фото: „Охо продукција“)

    Светската премиера на документарниот филм „Патување пеш“ (The Walk) на режисерката Тамара Котевска ќе биде на 9 ноември во Њујорк, на Њујоршкиот фестивал на документарни филмови (Doc NYC) , најголемиот американски фестивал за документарци.

    Котевска, која има 2 номинации за Оскар за документарецот „Медена земја“, на 1 септември говореше на гала настанот „Светла! Камера! Влијание!“ (Lights Camera Impact) на 80. Венециски фестивал фестивал. Котевска говореше и со кус исечок го претстави новиот документарец за глобалната сензација, куклата Амал.

    Филмот го следи патувањето на Амал, џиновска кукла висока 3,5 метри, која претставува дете-бегалче од Сирија, која го обиколила светот подигнувајќи ја свеста за бегалците. Филмот се снимаше 2 години во повеќе од 10 земји, како Сирија, Велика Британија и Јужна Африка. Монтажата е на Мартин Иванов, кинематографер е Самир Љума, а музиката на Дуке Бојаџиев.

    Главен продуцент  е британската филмска компанија „Греин медиа“, македонски копродуент е „Охо продукција“, а филмот е поддржан и од македонската Агенција за филм.

    „’Патување пеш’ е мојот втор документарен филм и овој филм следи навистина неверојатно театарско шоу. Морам да кажам зошто јас бев толку инспирирана да го направам овој филм: пред години, еден независен театар од Лондон почнал да прави кастинзи по бегалските кампови во Англија кога бранот на Сириски бегалци почнал да се влева во Англија. Тие сакале да ги извадат скриените талени од сенките на камповите и така ја нашле 10-годишната Амал, чие име значи надеж. Ова девојче го раскажало своето неверојатно патешествие кое стана оваа претстава. Театарската трупа изградила кукла од 3 метри со ликот на малата Амал, која го следи патешествието на вистинското девојче, од турско-сириската граница, преку медитеранската рута се до Манчестер. Тогаш ме поканија мене да го правам документарецот за овој патувачки театар. Она што мене најмногу ме плени во оваа идеја за патувачки театар беше фактот дека тоа не беше само претстава, туку цело едно активистичко движење кое не е престанато се до денес и нема да престане. Јас сум лично засегната од филмови и уметнички форми кои прават општествени промени на овој начин. Тие не остануваат ‘во фиока’, нивниот пат не завршува откако ќе бидат покажани на некој фестивал или на некој стример, туку тие се предизвикувачи на цели движења. Денес гордо можам да кажам дека Амал стана симболот на бегалците низ цел свет“, рече Котевска во Венеција.

    Сцена од документарецот „Патување пеш“. (Фото: „Охо продукција“)

    Во филмот учествуваат и актерите Фидаа Зидан од Палестина и Муајад Моин од Сирија, кои како што велат од продукцијата „Охо“ , ја делат истата судбина како огромен број бегалци кои изгубиле сè, вклучувајќи ги своите домови и фамилии, но продолжуваат да бараат засолниште.

    „Во моментов во светот има над 35 милиони бегалци, од кои 14 милиони се деца, а повеќето од нив сирачиња, во чија чест, џиновската кукла Амал активно се движи низ светот со својот патувачки театар“, вели продукцијата.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира