ТЕШКО МИ ПАЃА ПЕНЗИЈАТА, АКО МЕ БАРААТ РЕЖИСЕРИ, ТУКА СУМ, КАЖА ДИМЕ ИЛИЕВ ПО ДОБИВАЊЕТО НА НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“

    ТЕШКО МИ ПАЃА ПЕНЗИЈАТА, АКО МЕ БАРААТ РЕЖИСЕРИ, ТУКА СУМ, КАЖА ДИМЕ ИЛИЕВ ПО ДОБИВАЊЕТО НА НАГРАДАТА „ПЕТРЕ ПРЛИЧКО“Илиев зад себе има преку 370 уметнички остварувања, од нив преку 150 се во театар (Фото: СДК.МК)

    Иако сум во пензија, ако им требам на некои режисери тука сум – рече Диме Илиев добитник на актерската награда ,,Петре Прличко,,

    Актерот Диме Илиев од скопски Драмски театар вчеравечер ја прими наградата „Петре Прличко“. Во негова чест, Велешки театар ја изведе претставата „Слуга на двајца господари“. Комисијата во состав Сашо Димоски, Талија Настова и Фаик Мефаилоски образложи дека „додавањето на името на Диме Илиев во портфолиото на наградата ‘Петре Прличко‘ придонесува таа да се маркира како листа од најрелевантни актерски имиња од поновата македонска театарска стварност, глумци од ‘маштрапот‘ на Прличко“.

    „Сите награди се значајни. Оваа е резултат на 44-годишна работа и на крајот, еве, се наградува. Мило ми е што наградата е признание од колегите. Велат наградите се за да фаќаат прашина, но прашината се брише, наградите остануваат. Има професии во кои едвај чекаат да заминат пензија. Кај нас актерите, сѐ додека главата и нозете не` служат може да се работи. Мене, искрено, многу тешко ми паѓа заминувањето во пензија, ама мора да се поднесе. Ако им требам на некои режисери, тука сум“, кажа 67-годишниот Илиев.

    Се потсети дека пред 30-ина години во Велешки театар играл во „Нажалена фамилија“, но жали што немал можност да игра со Прличко, иако приватно се дружеле, посебно во Неготино, кога оделе по риба на Вардар.

    Диме Илиев за себе вели дека е неготинец, иако е роден во Кавадарци, но таму бил само првите три дена од животот. Зад себе има преку 370 уметнички остварувања, од нив преку 150 се во театар.

    Досега актерската награда „Петре Прличко“ ја имаат добиено Благоја Спирковски-Џумерко, Емил Рубен, Петар Мирчевски. Благоја Чоревски, Мето Јовановски, Борис Чоревски, Петар Темелковски, Драган Спасов-Дац, Александар Ѓоргиев, Милица Стојанова, Кирил Гравчев и Младен Крстевски.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари