ТРИ ОД КАРТИ

(Кон „Кајмак“ на Милчо Манчевски, играат Сара Климоска, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Александар Микиќ, Филип Трајковиќ, Петар Мирчевски)

    ТРИ ОД КАРТИ

    Со „Кајмак“, неговиот мајсторски седми филм, Милчо Манчевски се потврдува како еден од ретките современи уметници во светот кој страсно ја истражува човековата состојба, ја  набљудува со огромен искрен интерес, без судење и фолирање, и ја обликува во парче уметност што трансцендира чиста, невоздржана емоција која допира длабоко. Во „Кајмак“, неговото можеби најинтимно дело, филм за силни жени и нежни мажи, толку нежни што се спремни и да умрат за љубов, Манчевски како со лупа го открива одговорот на прашањето како се живее, сега и тука?

    Ургентноста на таа ужасна паника дека времето ти истекува како вода низ прсти, што те фаќа од погледот на виснатите цицки на колешката од фурната или од празнотијата и студенилото на допирот на вештачките цицки на богатата другарка, е двигател на двете љубовни приказни – за помладите богаташи Ева и Методи (Камка Тоциновски и Филип Трајковиќ) кај кои за сурогатство ќе дојде девојката со посебни потреби Доста (Сара Климоска), и за средовечните нискокласни Данче и Карамба (Симона Спировска и Александар Микиќ) кај кои ќе влезе Виолетка (Ана Стојановска), млада продавачка на кајмак на пазарчето. Две тројки, едната во кулата комшиски нагнетена до трошната куќа на другата.

    Манчевски е одличен раскажувач кој знае да те внесе и занесе со приказната, и иако овде ја задржува формата на линеарно раскажување, има многу неочекувани пресврти во приказната и тоа толку силно влече напред, што се следи во еден здив. Драмата е во флуидноста со која двојките стануваат тројки па потоа нови двојки. Радосните љубовни сцени, меко осветлени испреплетени тела снимени во крупен план, се исто така дел од таа флуидност.

    „Кајмак“ не е лесен филм, но има животворен хумор и затоа лесно се прима. Баш хуморот е алатката што ја трансцендира суштината на приказната, комплексна како и самиот живот – за малку љубов, за трошка среќа живееме.

    Маестралниот актерски ансамбл ја обликува потрагата по таа трошка среќа со извонредност што маѓосува. Камка Тоциновски со просто монструозно прецизно нијансирање на емоциите ја игра Ева, млада, амбициозна жена од кариера амбивалентна кон мајчинството која ја прави најголемата жртва за да го усреќи сопругот. Камка ја очовечува Ева и пред очи ни го топи нејзиниот емотивен оклоп. Сара Климоска ја игра Доста со една шеретска наивност, а нејзината борба да ѝ се есапи гласот ја гради елегантно, со мали гестови. Симона Спировска со возбудлива енергија го изведува емотивното и телесно будење на Данче и мајсторски ја трансформира нејзината лутина во страсен копнеж и радост. А Виолетка на Ана Стојановска е лесна како пердувче, како сончев зрак што те буди во зимско утро.

    Женските ликови во филмовите на Манчевски се секојпат силни и доминантни, но во „Кајмак“ се еднакво интересни и двата главни машки ликови, Методи и Карамба. Всушност, тие се како еден ист лик прво во младоста па во средновечноста – смотани, нежни, гладни за љубов, но за разлика од жените кои секојпат се изборуваат за својата среќа, они пасивно го примаат тоа што ќе им налета и благодарни се радуваат како деца. Филип Трајковиќ го игра Методи баш со таква нежна левтерност која ги збогатува комплексните односи во „богатата“ тројка. Но токму играта на Александар Микиќ, кој перфектно лесно се префрла од комедија во трагедија, е она што го заокружува тонот на филмот. Микиќ го игра Карамба со длабоко разбирање и сочувство за стравот дека му завршиле шансите за радост, оти еве – помина животот. Извонредна епизодна улога одигра и Пепи Мирчевски како Богдан, вујкото на Ева кој посредува за сурогатството на Доста – пасивно-агресивен малограѓанин кој суди за сите, но е прилично лабав кон моралноста на своето однесување.

    „Кајмак“ е филм за едно корумпирано, разјадено, пакосно општество со големи класни разлики, а ние само се препознаваме во него. Но препознавањето не е најважниот момент – на делото реагираш не затоа што се препознаваш туку затоа што од тоа извира цела приказна и емоции, те засмејува, те боли, те разгневува, те растревожува, ти олеснува. Ова е ангажирано уметничко дело оти се занимава со односи кои се не само лични туку и општествени и може да им се види општествената генеза. Или како што рече Манчевски пред десетина години, „Секоја добра уметност е, сама по себе, ангажирана, оти е против статус кво и против човечка глупост“.

    Човечката глупост во случајов е нехуман град набиен со високи градби – филмот е снимен во Скопје, но камерата на данскиот директор на фотографија Улрик Боел Бенцен овој страотно извитоперен урбан амбиент го гледа како глобализациска катастрофа. Затоа, тескобата на бетонската џунгла потсетува на амбиентот во филмовите на Вонг Кар-ваи (снимени во Хонгконг).

    Продукцискиот дизајнер Дејвид Манс, кој е константа во создавањето на визуелниот идентитет на филмовите на Манчевски, како контрапункт на нагнетените екстрериери креира елегантни и топли ентериери, како интимни скривалишта за животна радост. Костимите на Жаклина Крстевска, со  комично извивање, се референца на класната поделеност – хипстерски стокмени богаташи наспроти „несредени“ обични луѓе.

    Музиката на „Дејниш стринг квартет“, минималистичка варијација на народната песна „Не си го продавај Кољо чифликот“, е контраст на богатството од форми и бои во сликата, но извонредно го следи расположението во приказната. Филмот има извонредно богата звучна слика, што холандскиот дизајнер на звук Херман Пиете ја создава од најразлични надворешни звуци, во која доминира злокобното бучење на дупчалките и мешалките за бетон.

    „Кајмак“ е продлабочување на новата фаза комплексно уметничко истражување и експериментирање што Манчевски ја започна со „Врба“, и искрено ме интересира што следно ќе открие на тој пат.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира