МОЈА МАТКА

(Кон „Врба“ на Милчо Манчевски, играат Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Камка Тоциновски, Никола Ристески, Ненад Нацев)

    МОЈА МАТКА

    „Врба“ на Милчо Манчевски е отелотворение на стихот на Блаже Конески, најженскиот од сите поети: „Смела исправеност на девојки кои не се плашат од своите гради“.

    Шестиот, брилијантен филм на Манчевски, со Бергман двајцата најженски филмски автори, е споменик на таа смела исправеност – пркосење на општествената контрола врз женското тело, од стигмата со првата менструација до пизмата за раѓањето, нераѓањето или посвојувањето.

    Женските ликови стално биле силни, а и силни мајки во филмовите на Манчевски, од Хана во „Пред дождот“, преку Неда и Анџела во „Прашина“, Вера Перкова во „Сенки“, девојчињата и мајчето во „Мајки“ до Бикини Мун. Во „Сенки“, филм за стравот, една од темите беше стравот на детето од мајката и најголемиот страв на една жена – од сопственото дете.

    Ама, секојпат погледот на мајчинството (или амбивалентноста на мајчинството) бил од перспективата на детето. Во „Врба“, три приказни за три жени во различни векови кои се борат да станат мајки, за првпат перспективата е таа на жената. Откривајќи ја длабоката човечност на тој копнеж за родителство, а всушност копнеж за љубов, Манчевски се потврдува како феминистички автор. Кога велам феминистички, би се осмелила да речам дека мислам на феминизмот со човечен лик, каков што требаше да биде #metoo пред да се одметне во просто милитантното уживање во третманот на жената како жртва.

    Во таа смисла, „Врба“ е комплексен филм за ужасите на родителството, за исконската дихотомија во човечката потреба да се има дете и стравот од него. Во големата слика, клучното прашање на филмот е  дали детето ја крепи, збогатува или растура врската меѓу мажот и жената? Нема лесен одговор на ова прашање, и затоа истата битка што ја водат Донка и  Милан во 17. век и Родна и Бранко и Катерина и Никола во 21. век те остава со грутка во грлото, те занемува и покрај среќниот крај.

    Во „Врба“ суверено владеат три млади актерки, Сара Климоска (Донка), Наталија Теодосиева (Родна) и Камка Тоциновски (Катерина). Ретко се случува енергијата на три актерки толку да се испреплете та да изгледа како ликовите да произлегуваат еден од друг. Таа френетичност со која татни Сара во првата приказна, ја презема Наталија во втората, ја скротува, ја меандрира, за во третата Камка да ја избруси и исполира во сјајна скапоценост.

    Никола Ристески (Милан) и Ненад Нацев (Бранко) бестрашно нурнуваат во емотивни длабочини и креираат кревкост и нежност која е одличен контрапункт на бујноста на нивните партнерки.

    Од епизодните улоги, се издвојува Ана Костовска (Весна), која циничната мајка на Родна и Катерина ја игра со резигнирана левтерност што има комичен ефект. Петар Мирчевски (Ставре) и Благоја Чоревски (Манчо) имаат една комична вињетка што ја играат со мајсторска воздржаност и мала геста, да те тера на смеа и без да сакаш.

    А Ратка Радмановиќ (Баба Сребра), пак, во „Врба“ се етаблира како икона за мајчето, мистична нитка што го поврзува оностраното во филмовите на Манчевски.

    Како одличен раскажувач, Манчевски и во „Врба“ си поигрува со времето, со елиптичната структура на нарацијата. Со извонредна леснотија прикаската прескокнува векови, се движи од село во град, од мит во реалност. Неговиот авторски ракопис е доследен и во визуелната комплексност на филмот: импресивниот пуст селски пејзаж на приказната од 17. век се прелева во градската грозничавост на 21. век. Манчевски е амбивалентен кон урбаниот идентитет на Скопје, во неговите филмови градот секојпат е сликан како портрет, но без судење, како лице што е грдо и накажано ама и како такво го сакаш.  Во „Врба“, Скопје и фрагментите од „Скопје 2014“ личат како психоделичен Готам Сити, со реалност меѓу секс тројки во такси и просјаци на семафор.

    Немирната камера на Тамаш Добош и особено продукцискиот дизајн на Дејвид Манс, кој мајсторски креира амбиенти што се просто екстензија на духовната состојба на ликовите, се меѓу клучните елементи во емотивната сила на филмот. Неговата визуелна сила битно ја појачуваат и костимите на Жаклина Крстевска и Ѓерѓи Сакач, и во древната и во современата приказна тоа се алишта што ги носат живи луѓе, а не ликови преоблечени за на филм.

    По скоро 20 години од „Прашина“, Манчевски во „Врба“ повторно соработува со Кирил Џајковски, обајцата дел од култната група Бастион од 1980-те. Елегантна и дискретна, музиката на Џајковски е како плач, како липтање кое постепено се ослободува од грлото во гласен крик.

    Опусот на Манчевски е разновиден, нема еден филм што е ист со претходниот. Ама, „Врба“ личи на нов почеток, нова фаза на комплексно уметничко истражување и експериментирање и можеби баш таа возбуда е хепиенд.

    Марина КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира