ТРИ ОРОСПИИ, ЕДНО СЕЛО

(Кон филмот „Незаборавна пролет во заборавено село“ на Куштрим Бектеши, играат Осман Ахмети, Адем Карага, Амернис Нокшиќи-Јовановска, Флора Кадриу, Блерим Дардишта, Салаетин Билал)

    ТРИ ОРОСПИИ, ЕДНО СЕЛОСцена од комедијата „Незаборавна пролет во заборавено село“, дебито на Куштрим Бектеши

    Радостите на сексот за пари е тема на комедијата „Незаборавна пролет во заборавено село“, дебито на македонскиот режисер Куштрим Бектеши, кој е автор и на сценариото. Со сите мани и почетнички грешки филмот, на албански јазик, успеал да го дофати машкиот еротски занес и сиот самозаборав на раскалашноста, како ретко кога во современата македонска кинематографија.

    Филмот е своевидна варијација на тема „до (сексуалната) револуција и по неа“ – во едно забито село, каде најголемата возбуда во годината е доаѓањето на општинскиот градоначалник при делењето на школските свидетелства, ќе дојдат три сексуални работнички – една Бугарка која е ем пејачка и затоа соодветно се вика Мадона, една Молдавка и една Украинка. Селскиве мажи веќе нема да излезат од кафеаната (оти и кога се дома со умот се таму). А таму, ослободени од стегите на табуата и моралните забрани, мажите трескавично танцуваат во слава на единствената извесност што ги опива – брее, што секс ќе падне вечерва. Толку е заразна таа слобода, што дури и селскиот оџа е во тешки искушенија да го фати џадето и да појде в кафеана.

    И така, машкиве ѕверки ептен ќе ре распуштат во шумата. А после, ќе дојде шумарот. Во случајот, шумарот се нивните жени. И тука завршува револуцијата и почнува она – по неа.

    Најголемиот проблем на филмското деби на Куштрим Бектеши, театарски режисер и професор на скопскиот Факултет за драмски уметности (ФДУ), е темпото – филмот е развлечен од бројните предолги кадри и повторувања, и впечаток е дека кога би бил барем 20-на минути покус дејството би било покомпактно, а со тоа во случајов и посмешно. Иако целото визуелно пакување има повеќе телевизиски формат (директор на фотографија е Алмир Џиколи, композитор Тримор Доми, сценограф Дурим Незири, костимографка Жаклина Крстевска), сепак најголемата вредност е уиграниот ансамбл македонски, косовски, албански и бугарски актери (Осман Ахмети, Адем Карага, Амернис Нокшиќи Јовановска, Флора Кадриу, Блерим Дардишта, Шкумбин Истрефи, Ндричим Џепа, Луан Јаха, Музбајдин Ќамили, Адријана Матоши, Вјолца Бектеши Хамити, Диана Спасова, Хисмет Рамадани, Муса Исуфи) кои играат лесно и со гег сосем соодветен за комедија. Во овој филм е и последната улога на легендарниот театарски и филмски актер Салаетин Билал, кој почина пред една година.

    Е сега, во филмов има и некомични детали, на пример дека сексуалните работнички, истоварени од заклучено комбе во раскапана куќа, се претставени како да си ја сакаат работата (оти, нели, работа како и секој друга), а не како да се жртви на мрачна трговија со луѓе, која ја поддржува цело село. Ама, тоа читање на приказната да го оставиме за некој друг филм.

    Марина КОСТОВА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира