ТРОЈЦА РЕЖИСЕРИ И 28 АКТЕРИ ЌЕ ИГРААТ ВО „ЃОРЕ МАГАРЕСКИ – 80 ГОДИНИ ПОТОА“ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАР

    ТРОЈЦА РЕЖИСЕРИ И 28 АКТЕРИ ЌЕ ИГРААТ ВО „ЃОРЕ МАГАРЕСКИ – 80 ГОДИНИ ПОТОА“ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ НА БИТОЛСКИОТ ТЕАТАРСе подготвува и постојана поставка со 167 награди, плакети и статуетки освоени во 80-те години постоење на Народниот театар во Битила. (Фото: СДК.МК)

    Голема роденденска театарска претстава, монографија, изложби и постојана поставка со 167 освоени награди, плакети и статуетки се подготвуваат за одбележувањето на 80-годишнината на Народниот театар на Битола. Оваа театарска куќа, која се смета за најстара во државата, започнала со работа на 14 ноември 1944 со изведба на едночинката „Ѓоре Магарески“ или во оргинал „Петтоимениот Ѓоре“ од Владо Малески. Роденденската претстава се вика „Ѓоре Магарески – 80 години потоа“, а во неа е вклучена голема театарска екипа.

    „Ангажирани се сите тројцата наши вработени режисери, Благој Мицевски, Јовица Ристовски и Софија Ристевска. Вклучен е целиот ансамбл на театрот. Тоа се три различни концепти на тројцата режисери и сите си имаат своја подела за еден ист текст. Вклучени се сите актери кои изразија желба и сакаат да бидат дел од оваа претстава, меѓу кои и Соња Михајлова и Петар Мирчевски. Станува збор за 28 актери на сцената“, рече директорот Васко Мавровски.

    За прославата тргнале со нов концепт и нова идеја „Театарот повторно твој’’. Мавровски рече дека театарот не може да биде без Соња Михајлова, Петар Мирчевски, Борис Чоревски и сите други доајени кои создале услови за тие денес да можат да се занимаваат со театар.

    „Сите сме важни, но има нешто што е над нас, а тоа се вика Народен театар Битола“, додаде Мавровски.

    По претставата ќе следува церемонијален дел со доделување на плакети на сите 36 пензионирани колеги од колективот за нивниот придонес во развојот на театарот. Во роденденските активности се и промоција на нова монографија, изложби на пензионираниот тон мајстор и музичар Христо Бојаџиев и на фотографот Атанас Нашоку Саку, како и нова поставка.

    „Поставуваме трајна поставка за првпат после 80 години, сите награди и признанија на театарот ќе бидат вратени и претставени пред публиката. По некој нов регистар што го направивме за оние кои успеавме да ги пронајдеме, тука се 167 плакети, награди, статуетки. Постојано се јавуваат луѓе, даваат идеи, носат документи поврзани со Народниот театар, фотографии, спомени, ни раскажуваат маалски приказни поврзани со театарот. Работиме 24/7 за 14 ноември да биде денот кога достојно ќе ја прославиме 80-годишнината на овој гигант“, вели Мавровски.

    Во рамки на роденденскиот репертоар ќе има и три гостувања, на Драмскиот театар од Скопје со „Мојот маж“, Велешкиот театар со комедијата „Вечера за глупаци“ и МНТ со „Бели ноќи“.

    Мавровски најави и дека во програмата за 2025 година 70 проценти од текстовите што ќе се работат ќе бидат од македонска дрматургуија и ќе работат со македонски режисери.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира