Директорите на центрите за култура во земјава денеска преку онлајн состанок со министерката за култура Ирена Стефоска разговараа како ќе се организираат културните настани во ковид услови во летните месеци, кога има пооптимални услови за реализација на програмите на отворени, алтернативни простори. Од Министерството за култура велат дека директорите ја информирале министерката за нивната работа во услови на светска пандемија, како и за реализацијата на проектите со почитување на сите протоколи.
„Беше посочено дека институциите се соочуваат со проблеми од инвестициски карактер, недостиг и застарена опрема, како и недостиг од технички и административен стручен кадар“, додаваат од нејзиниот кабинет.
На средбата се разговарало и за проектите што се поддржани во програмата за финансирање проекти од национален интерес во културата од областа на инвестициско и тековно одржување на објектите и опремата во државна сопственост од областа на културата за 2021 година. Беше посочено, велат од кабинетот, дека со овие проекти, ќе се подобрат условите за функцинирање на центрите за култура.
Во Годишната програма за инвестиции за 2021 се издвоени средства за изведба на реконструкција на центрите за култура во Куманово (зградата на театарот) и во Гостивар, а во Центарот за култура во Кочани продолжува реконструкцијата на објектот, каде што веќе е започната изведбата на првата фаза од реконструцијата, односно извршена е промена на фасадата, фасадната столарија и на покривот.
Годинава ќе се обезбедува и проектно-техничката документација за реконструкција на Центарот за култура во Прилеп, со доградба и надградба на објектот, со цел обезбедување простор за работа на театарот, како и проектно-техничката документација за реконструкција на објектот на Центарот за култура во Струмица, а се обезбедени средства и за изведба на систем за гасификација во објектот на Центарот за култура во Куманово.
Меѓу проектите што ќе се реализираат оваа година се и реконструкцијата на покривната конструкција во Центарот за култура во Тетово, набавка на видеонадзор и инсталација на целокупната опрема за видеонадзор за потребите на Центарот за култура во Струга и други набавки на техничка опрема за установите.
Б. НЕСТОРОСКА