Валандово ќе биде град на културата за 2022 година. На распишаниот конкурс беа пријавени Општините Валандово и Велес, а комисијата на Министерството за култура одлучи дека Општина Валандово оваа година ќе биде организатор на манифестацијата „Град на културата“.
„Стручната комисија составена од вработени во Министерството за култура оцени дека Општина Валандово понуди богата програма и издржан програмски концепт, со содржини од различни жанрови и естетика, од традиционалното и од современото творештво, со учество на релевантни домашни и странски уметници. Во програмата се содржани 69 проекти од сите дејности, кои подразбираат достапност на културата за сите во Општината и учество на многу млади домашни уметници и автори“, велат од Министерството за култура.
Вкупниот буџет за реализација на програмата е 12 милиони денари, а Општина Валандово од Министерството побарала 2,4 милиони денари, што претставува 19,25 проценти од вкупниот буџет. Со тоа, како што велат од Министерството, за разлика од пријавата на Општина Велес, Општина Валандово ќе го издвои најголемиот дел од средствата за финансирање на реализацијата на програмата.
„Имајќи го предвид ова, како и фактот што Општина Велес веќе двапати била финансирана во рамките на манифестацијата, и тоа во 2005 и во 2015 година, комисијата предложи да биде прифатена Пријавата доставена од Општина Валандово“, велат од Министерството за култура.
Манифестацијата „Град на културата“, иницирана од Министерството за култура, а прифатена и поддржана од општините во државава, започна да се реализира во 2004 и оттогаш, континуирано, општините учествуваат во културниот натпревар на идеи преточен со презентација на многубројни јавни настани.